Рубрика: Омнибус
Почина Стивен Хокинг
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 14.03.2018 - 09:00

Славниот британски физичар и космолог, една од најсветлите ѕвезди во современата научна мисла, почина денес на 76 годишна возраст во неговиот дом во Кембриџ.

Како научник тој остави белег во голем број области, но најмногу во областа на космологијата. Неговото најпознато дело е соработката со Роџер Пенроз и проучувањето на црните дупки и релативноста. Има напишано повеќе популарни книги од областа на космологијата од кои најпозната е Кратка историја на времето, којашто е и една од  најпреведуваните и најтиражни научнопопуларни книги (продадени се над 10 милиони примероци во последните 20 години).

Дел од неговата мисија беше и популаризација на научната мисла на секое ниво. Ова неуморно го правеше со голем број настапи, предавања, но и со гостувања во популарни телевизиски серии како што се Ѕвездени патеки: Следната генерација, Симпсонови и Бубалици.

Како еден од најголемите интелектуални и научни умови на денешницата Хокинг честопати го споделуваше своите мислења и ставови за иднината на човекот и човештвото.

Ви го проследуваме неговиот Ted talk  од 2008 година каде дава осврт на следните прашања: Како настана универзумот? Како започна животот и Дали сме сами во вселената?