1. јануари: Започна да се формира Сончевиот систем со згуснување на материјата во ротационен облак составен од ѕвездена прашина и гас, исфрлени преку супернови од претходната генерација ѕвезди. Од централниот најгуст дел ќе се формира Сонцето, а од остатокот планетскиот систем.
7. јануари: Во Сонцето започна термонуклеарен процес и тоа стана ѕвезда.
28. јануари: Завршено е формирањето на Земјата.
февруари: Земјата сè повеќе се лади.
10. март: Водената пареа во атмосферата на Земјата паѓа на нејзината површина во вид на дожд и ги исполнува вдлабнатините. Така настануваат морињата и океаните.
15. април: На некои места во топлите води на Земјата се појавува првата вегетација, лишаи и алги.
22. мај: Во атмосферата на Земјата започнува да се појавува кислород.
14. септември: Некаде во длабочините на водите се појавуваат едноклеточните организми, кои веќе се размножуваат на полов начин.
октомври: Се појавуваат многуклеточните живи организми.
2. декември: Некои живи организми се преселуваат на копното.
13. декември: Се појавиле диносаурусите.
25. декември: Диносаурусите изумреле.
31. декември, околу 17 часот по пладне: Во Африка се родила “Луси”, најстарата позната претходничка на човечкиот род.
10 минути пред полноќ: Живее неандерталецот.
52 секунди пред полноќ: Во Европа се развиле кромањонците, кои морфолошки се како современиот човек. Нивните пештерски цртежи докажуваат дека тие имале своја култура.
40 секунди пред полноќ: Старите Египќани ги градат пирамидите.
23 секунди пред полноќ: Златното доба на Античките Грци.
17 секунди пред полноќ: Според преданието се родил Исус Христос.
8 секунди пред полноќ: Започнува Средниот век.
5 секунди пред полноќ: Средниот век завршува.
3 секунди пред полноќ: Првите доселеници од Европа се населуваат во Новиот свет, Америка.
1,5 секунди пред полноќ: Започнува индустриската ера.
1/2 секунди пред полноќ: Започнува Првата светска војна.
3/8 секунди пред полноќ: Започнува Втората светска војна.
1/8 секунди пред полноќ: Астронаутот Нил Амстронг стапнал на Месечината.
1/16 секунди пред полноќ: Започнува компјутерската ера.
1/32 секунди пред полноќ: Започнува ерата на вештачка интелигенција.
1/64 секунди пред полноќ: Луѓето започнале да увидуваат дека со својата дејност, која на космичкиот часовник започнала речиси во последната секунда, драстично ја измениле еколошката рамнотежа на планетата. Никогаш и ниеден друг вид живи организми во историјата на Земјата немал такво влијание на планетата во толку мало временско растојание!
Наместо заклучок
Од наведениот приказ гледаме дека во вкупната историја на нашиот свет, сместена во само една календарска година, човекот како “хомо сапиенс” се појавил на историската арена во дел од последната секунда. Ете колкав долг временски период бил нужен на еволуцијата за креација на разумни суштества на нашата планета.
Овој факт е добар повод да се навратиме за момент на една друга тема, која беше предмет во една претходна серија на ЕМИТЕР под наслов “Мистеријата наречена НЛО”, во која ЕМИТЕР отвори дебата на тема “дали НЛО имаат вонземско потекло”, како што тоа го тврдат уфолозите? Настрана од сета изнесена полемика “за” и “против” вонземското потекло на НЛО, овде е погоден момент во полемиката да се вклучи и хронолошкиот ефект, покажан во овој напис. Во тој контекст ќе го цитираме астрофизичарот Ернст фон Куон (Ernst von Khuon) Баден Баден, Германија, кој своевремено беше еден од полемичарите со надринаучникот Ерих фон Деникен на темата за потеклото на НЛО. Еве го неговиот став: “Дали воопшто можеме да замислиме дека паралелно со еволуцијата на разумни суштества на нашата планета, истовремено се одвивала, временски наполно синхронизирано, иста таква еволуција и на некоја друга планета во вселената, па денес ние да се “сретнеме” со разумните суштества од таа планета токму во последната десетинка од последната секунда во вкупното изминато време, преставено како една календарска година? Тоа би значело несфатливо прецизен синхронизам на космичката “животна машина”, кој тешко би можеле да го објасниме” (Дали боговите биле астронаути?, стр. 26 и 27).