Космичките објекти во универзумот не се расфрлени во безредие во просторот, туку се здружени на многу различни начини под дејство на гравитациската привлечна сила. Така, ѕвездите во одделни галаксии ги гледаме здружени во разни групации, додека галаксиите ги гледаме здружени во галактички јата, што меѓу себе исто така можат да бидат здружени во поголеми конгломерати кои ги нарекуваме галактички “суперјата”, со огромни празни простори помеѓу нив. Според досегашната класификација на галаксиите во галактички јата, нашата галаксија “Млечен пат” припаѓа во галактичкото суперјато Девица (Virgo), кое според проценката содржи околу 1 500 галаксии, а зафаќа простор од околу 7,2 милиони светлински години во пречник.
Меѓутоа, едно наполно ново истражување на група космолози од опсерваторијата на Хаваите, под водство на Р. Брент Тали (R. Brent Tully), откри дека четирите до нас најблиски галактички суперјата од т.н. локална група суперјата, Virgo, Hydra, Pravo-indus и Southem, коишто претходно беа третирани како посебни галактички суперјата, всушност се супкомпоненти на една огромна надгалактичка структура, којашто ја нарекле “Ланиакеа”, што на хавајски јазик значи “неизмерливо небо”. Откритието е реализирано со примена на нова метода за мапирање на структурата на галактичките суперјата, која се заснова врз радиотелескопско утврдување на просечната брзина на одделни галаксии и потоа истите нив ги споредува во однос на т.н. Хаблова константа. Да објасниме, Хабловата константа е однос меѓу брзината со која некоја галаксија се оддалечува од нас, и нејзиното растојание до нас. Потоа од мапата на брзините на галаксиите се конструира мапа на дистрибуција на материјата во дотичното галактичко јато, и така се открива неговата структура.
Новоименуваната надгалактичка суперструктура “Ланиакеа” има огромни димензии, околу 520 милиони светлински год. во пречник, содржи околу 100 000 галаксии, и има вкупна маса колку приближно 1017 Сончеви маси, односно 100 илјади пати поголема маса во однос на вкупната маса содржана во нашата галаксија. Врз основа на добиените резултати, истражувачката група направи и мапирање на суперструктурата Ланиакеа. На сликата е обележана локацијата на нашата галаксија Млечен пат, и гледаме дека таа се наоѓа на самата периферија на системот Ланиакеа. Галаксиите содржани во неа гравитациски тежат кон тежишната точка во нејзиниот центар, каде што се наоѓа мистериозната голема група галаксии т.н. “Голем Атрактор” (Great Attractor). Но, оваа група не можеме да ја видиме бидејќи се наоѓа во насока на нашата галаксија Млечен пат, па е скриена во меѓуѕвездената прашина и гас. Единствено можеме да претпоставиме дека центарот на Ланиакеа е сличен на центрите од другите галактички суперјата, за кои знаеме дека околу нивните центри имаат најгуста концентрација на галаксии.
За крај, уште ќе потсетиме дека системот Ланиакеа е само една галактичка структура, какви што има во огромен број во универзумот, меѓутоа на астрономите им е достапен за набљудување само одреден дел од универзумот, дел до каде што досегаат нивните астрономските инструменти. Тој дел космолозите го нарекле “Метагалаксија”, со значење “најголем познат галактички конгломерат”, којшто во себе содржи неколку милијарди галаксии, меѓусебе поврзани со гравитациска интеракција. Но, дали универзумот е бесконечен, на тоа прашање сè уште немаме одговор!