Почитуван ЕМИТЕР,
Поседувам автомобил “Пежо Партнер”. На рутинскиот сервисен преглед мојот автомеханичар ми рече дека диск плочките се истрошени и оти треба да се заменат со нови, и диск-плочките и дисковите. За задните кочници рече дека се добри. Сакам да знам што ме советувате Вие по ова прашање, т.е. дали да ги заменам и дисковите со нови (или можат старите дискови да останат) и зошто задните сопирачки се добри а предните се истрошени? Многу ви благодарам за одговорот.
Ве поздравува вашиот верен читател,
Душко Игњатовски
Прво ќе одговорам на второто Ваше прашање: предните сопирачки побрзо се трошат (и обично се поробусни) од задните затоа што тежиштето на вашиот автомобил е изразито поместено нанапред и логично е предните тркала да преземат поголем процент (главницата) од вкупната сила на сопирање кога возилото е празно или малку оптоварено, што е најчест случај. Тоа конструктивно се реализира со помош на специјални регулатори на притисок на глицеринот, кои кога не е товарена (оптоварена) колата го насочуваат притисокот кон предните сопирачки, а на задните тркала тој е или ништожен (при мали и благи прикочувања) или многу мал (согласно со односот на оптоварување на предните и задните тркала од вкупната маса на возилото). Од тука следува дека векот на траење на задните сопирачки е речиси колку и векот на траење на автомобилот т.е. тие само се контролираат, а ретко се обновуваат или се поправаат. А сега одговорот и на првото Ваше прашање: Исправност на дискот се оценува според изгледот на неговата работна површина и според неговата дебелина. Изгледот на работната површина (тоа е онаа површина што ја притискаат диск-плочките) не смее да е нагорена (од интензивни, долготрајни и нестручни сопирања на обично претоварен автомобил) и таа површина мора да биде мазна, без големи и нагли испакнатини и вдлабнатини. Минималната дебелина на дискот е пропишана од неговиот производител и тој податок можете да го најдете во сервисното упатство или е втиснат на некое пасивно место на самиот диск. Тоа значи дека по обработката на дискот на струг, неговата дебелина не смее да е помала од оваа вредност. Тоа, пак, редовно значи дека ако дебелината на дискот по обработката е блиску до неговата минимална дебелина, тој задплжително се заменува со нов. Оваа дебелина може да ја процени стругарот кој треба да го израмни дискот. Сепак, јас Ви препорачувам да го уважите барањето на Вашиот мајстор и да постапите според неговата оцена, т.е. да ги замените со нови и дисковите и диск-плочките со квалитетни, т.е. оригинални, без оглед на нивната цена. Сопирачките секогаш се поправаат во пар (двете предни и двете задни – без исклучок)!
Томе Скендеровски