Инженерите на прочуениот шведски производител на тешки товарни возила (камиони) SCANIA неодамна направија еден многу голем чекор во зачувување на чистата животна средина, со што директно придонесоа во подигнувањето на прагот за минимум дозволено загадување на животната средина од превозните средства, во случајов од камионите. Имено, тие конструираа и произведоа камионски мотор којшто како гориво користи течен нафтен гас (ТНГ, или LPG). Во однос на перформансите, воопшто не заостанува зад класичните дизелски мотори коишто се вообичаен погон за тешките возила, што е клучна карактеристика. Работи според Отовиот циклус (значи со принудно палење, т.е. со свеќички). Ќе се вградува во камионите на SCANIA од сериите G и R, вклучително и во влечните возила (шлепери) на SCANIA. Има опции да работи и на природен гас (CNG), природен гас во течна состојба (LNG), како и на компримиран био гас (CBG). Радиусот на движењето, во зависност од погонското гориво, се движи од 500 до 1600 km.
Во понуда се три мотори со 280, 340 и најсилниот со 410 КС. Најсилниот мотор испорачува 2000 Nm вртежен момент и е со зафатнина од 13 литри. Има 6 цилиндри коишто се во линиски распоред. Емисиите на CO2 се намалени за 90%, што е восхитувачки резултат кој нема потреба да се коментира. Согорувањето е стехиометриско и компресиониот простор е дизајниран така што овозможува согорување без остаток на кислород или гориво. Степенот на компресија е 12,6:1 (тоа гасот како гориво го овозможува без проблеми), со што значително е зголемен термодинамичкиот степен на корисно дејство. Од другата опрема којашто е во функција на еко-заштитата, може да се издвои EGR вентилот и 3-кракиот каталитички конвертор на издувните гасови.
Што се однесува до сервисните интервали, познато е дека дизел моторите имаат подолги сервисни интервали во однос на Ото-моторите. Но, инженерите на SCANIA го надминаа и овој горлив проблем така што сервисниот интервал на овие мотори го доближија до оние на дизелските мотори. Тоа практично значи дека сега сервисниот интервал е на 45.000km (наместо вообичаениот од 30.000km).
И што да се каже за крај? Може само да се констатира дека човештвото има реални шанси да ја зачува планетата Земја без да се наруши комодитетот и квалитетот на животот. Клучот за тоа е во науката и во иновациите. Инженерите знаат како и го можат тоа, а овој пример е доказ за тоа.