Во последно време, на некои интернет-страници, но и на одредени канали од порталот YouTube, присутна е опсесијата, според којашто на 23 септември оваа година (да, значи овој викенд :) ), ќе се случи судир на Земјата со извесна “таинствена” планета наречена Нибиру, која наводно е во нашиот Сончев систем, и тоа ќе биде “крај на светот”.
Oва пророштво не е ниту прво, ниту пак единствено пророштво за “крај на светот”. Уште во 1995 година, постоеше пророштво според кое “крајот на светот ќе се случи во мај, 2003 год, кога Земјата ќе се судри со таинствената планета “X”! Но, очигледно тоа не се случи!
Меѓутоа, и покрај тоа промашување, заговорите за крајот на светот не престанаа, па повторно е одреден нов датум кога тој ќе се случи – во 2012 година! Освен тоа, дури беше “идентификувана” и планетата “X”, со која Земјата ќе се судри. Таа планета е, наводно планетата Нибиру, која кај древните Сумери значела “одметната божествена планета”. Имено, Сумерите верувале во космологијата, но мислеле дека постојат само 5 планети. Планетата Нибиру, според заговорниците орбитира во периферијата на нашиот Сончев систем, по многу издолжена, елипсеста орбита, така што на секои 3600 години таа драстично се приближува кон Земјата загрозувајќи ја со судир!
Но, очигледно, крајот на светот не се случи ниту во 2012 година. Дури и повеќе од тоа, ниту една научна астрономска опсерваторија не утврди дека постои некаква одметната планета на периферијата на Сончевиот систем која би ја презела улогата на Нибиру, па поимот Нибиру престана да значи одметнато сумерско божество, туку стана крилатица за речиси секоја космичка катастрофа! Една таква наводна космичка катастрофа требаше да биде предизвикана од кометата Еленин, која според заговорниците “ја презела улогата на Нибиру, маскирана во комета, со цел да предизвика низа штети на Земјата”. Смешно и наивно, какви штети на Земјата би можела да предизвика обична грутка од мраз, со пречник од само 4,5 km, која речиси и да нема гравитација, и патем кажано, помина на голема одалеченост од Земјата?!.
Меѓутоа, заговорниците за крај на светот никако да се вразумат, туку продолжуваат да лансираат измислици. Па така, тие сега измислиле најнов датум за крај на светот, 23 септември оваа година. Разбирливо, ова внесе загриженост кај одреден број неуки луѓе, но еве го одговорот на вистинската наука!
Сите прикаски за крај на светот, па и оваа последната, се најобични бесмислици! Имено, кога тука би имало каква било научна вистина, веста би била објавена во многубројните научни списанија и медиуми, а не само на поединечни интернет-сајтови, при што секој кој ќе објави такво нешто, воопшто не мора да е научник! Едноставно, на интернет не постои начин вистината да се разликува од лагата! Но, која е целта на тие лаги? Најверојатно целта е бизнисот; имено, голем број интернет-сајтови продаваат видеозаписи во врска со Нибиру, разни брошури и книги, па дури и опрема за преживување на катастрофата од судирот, а луѓето кои се кријат зад таквиот бизнис, го подгреваат и го искористуваат стравот на оние луѓе, што не се во состојба да ги разликуваат издржаните и вистинските извори на информациите од лажните!
За крај, бидете безгрижни, на 23 септември нема да се случи крај на светот. Имено, светот и натаму ќе постои, па заговорниците ќе треба повторно да измислат нов датум за крај на светот!!