Овој петок со почеток во 20:00 часот во МКЦ-Скопје, го одбележуваме Светскиот ден на астероидот. Имено, минатата година, Генералното собрание при Обединетите Нации официјално го прогласи 30-ти јуни за Светски ден на астероидoт, што за првпат се одбележува насекаде низ светот.
По повод овој настан, Македонското астрономско друштво, Скопското астрономско друштво, Македонското истражувачко друштво и Астрономскиот центар “Орион“ ќе одржат серија кратки предавања во киното Фросина и Планетариумот при МКЦ, а посетителите ќе можат да го набљудуваат ноќното небо со телескопи (се разбира, доколку ова го дозволат временските услови). Влезниците, по цена од 100 денари, може да се набават на билетарата во Младинскиот културен центар.
Поводот за одбележување на Светскиот ден на астероидот е следен:
На 30 јуни 1908 година, релативно мал астероид со пречник од околу четириесетина метри, навлегол во Земјината атмосфера над Сибир, каде експлодирал и притоа уништил ненаселен регион со големина на модерна метропола. Овој настан, попознат како Тунгуска експлозија или Метеоритот од Тунгуска, претставува најмоќна природна експлозија што е забележана во пишаната човекова историја. Свесни за опасноста од вакви настани во иднината, група на научници, астронаути и лидери од бизнисот и технологијата, ја иницираа кампањата Ден на астероидите – глобална кампања што од 2015-та година неофицијално се одржува на годишнината од експлозијата во Тунгуска. Кампањата има за цел да ја едуцира јавноста за астероидите, да ја развие свеста за потенцијалната опасност од нив и да ја актуелизира дебата за начините на коишто може да се заштитиме од идни удари од астероиди. Кампањата ја потпиша и Декларацијата 100X, којашто повикува на посветено искористување на современите астрономски набљудувачки капацитети и откривање на 100 000 нови астероиди секоја година во следните 10 години.
Детална агенда на настанот може да најдете на фејсбук страницата на настанот тука