Во еден од претходните написи веќе објавивме дека мисијата “Касини – Хајгенс” (Cassini – Huygens), стаса до самиот нејзин крај, по 13-годишно истражување на природата на Сатурновиот систем. Сега мисијата ја одработува својата последна задача; реализација на неколку истражувања од блиско растојание на простори коишто досега не можеле да бидат истражувани, бидејќи досега немало соодветни услови за тоа. Истражувањата се однесуваат на внатрешната структурата на планетата Сатурн, нејзината атмосфера и структурата на нејзините прстени.
За реализација на оваа последна задача, неопходно беше роботизираниот орбитер “Касини” да биде поставен во соодветна орбита, дизајнирана периодично да минува низ празниот простор којшто постои помеѓу планетата и прстените (види ја сликата во прилог), бидејќи само таква орбита овозможува “блиски средби” со објектите што треба да бидат истражувани. Поставувањето на орбитерот на таквата орбита е веќе реализирано со гравитациска “помош” од Сатурновата месечина Титан, покрај која орбитерот прелетал за последен пат на 22 април, па така, сега тој веќе се наоѓа на таа орбита. На оваа орбита тој ќе направи вкупно 22 периоди, односно 22 пати ќе помине низ празниот простор помеѓу планетата и прстенот, и со тоа 22 пати ќе се најде во оптималната најблиска положба до објектите на коишто треба да ги реализира планираните финални мерења. Ќе ги наведеме тие планирани финални мерења!
Прво, за првпат ќе биде применето директно мерење на масата на Сатурновите прстени, што ќе помогне да се одреди нивната старост и нивното потекло. Притоа ќе бидат направени и фотографии со висока резолуција на внатрешните прстени, најблиски до планетата.
Второ, ќе биде направено досега најпрецизното гравитациско мерење и мерење на магнетното поле на планетата, што ќе помогне да се дојде до нови сознанија за составот на нејзината внатрешна структура.
И трето, ќе биде детално истражен хемискиот состав на Сатурновата атмосфера, составена во најголема мера од водород и хелиум, но, и со траги од други многу комплексни хемиски супстанции. Орбитирањето ќе заврши на 15 септември, кога орбитерот ќе нурне во атмосферата на Сатурн, и од таму последен пат ќе испраќа научни податоци за составот на Сатурновата атмосфера, и конечно ќе заврши паѓајќи на Сатурновата површина, со што ќе заврши мисијата “Касини – Хајгенс”. За крај, ние можеме уште од сега да констатираме дека, мисијата “Касини – Хајгенс” даде голем придонес во стекнувањето нови научни сознанија за природата на Сатурновиот сложен систем.