Рубрика: Колумна
За природните закони
Автор: Томе Скендеровски
Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во

Емитер 4-6/2017.

Нарачајте го овој број или најавете се за да ја прочитате целата статија.


Природата дејствува исклучиво согласно односот на силите на нејзините чинители. Овие односи се апсолутни, се одвиваат без наша волја и контрола и се нарекуваат природни закони. Нема ништо поприродно од природните закони. Тие може да се сметаат за апсолутна вистина пред која и боговите молчат (да злоупотребам една древна мисла). Само еден практичен демант (опит и сл.) е доволен некој природен закон да “падне”.

За разлика од природните закони, за општествените закони мора да постои гарант за нивно спроведување – тие се пропишуваат од човекот и се почитуваат согласно волјата (зрелоста) на оние за кои се наменети и/или стравот од репресија до-колку не се почитуваат.
Но, заедничко и за природните и за општествените закони е тоа што тие се закони, а тоа значи дека важат секогаш и без исклучок. Природните закони ги откриваат научниците. Тоа го прават со насоките поставени од филозофијата и од сопствените (од научниците) поранешни откритија, вклучително и сите дотогашни вкупни сознанија за одреден природен феномен.
Природните закони функционираат без нашата волја. Тука нема врски – “повикај пријател”, “50:50” или “што мисли публиката”. Тука нема желби и каприци. Тука нема лутење. Се поставува прашањето: зошто е потребно да се знаат и да се откриваат природните закони? Едноставно, за да можеме природата подобро да ја запознаеме и познавајќи ги природните закони, нив да ги искористиме за наша добробит. До кога ќе ја запознаваме природата и дали тоа има крај? Природата вечно ќе ја запознаваме, тој процес е бескраен. Всушност, со зголемувањето на знаењето се зголемува и незнаењето. Знаењето е конечно а незнаењето е бесконечно. Ако знаењето го замислиме како површината на некој круг, тогаш незнаењето е неговиот периметар или обиколка: како површината се зголемува, така и периметарот се зголемува. Причината за тоа е едноставна: во својата суштина, природата е бесконечна како и сите елементи што ја сочинуваат. Следува дека незнаењето е беско-нечно. Со секое новостекнато сознание ние стануваме свесни за нови непознати нешта кои се “шират” и наново и одново ни се откриваат, и сè така до бескрај. Едноставно: секое ново сознание е проследено со уште една дузина нови непознати нешта.
Природата, наивно кажано, има сè што ни треба да опстоиме. Енергијата од природата ја користиме како погон, а со помош на природните закони правиме машини со коишто си го олеснуваме животот. Токму тука лежи потребата од запознавање на природата, сè со цел таа делумно да се приспособи и да се искористи за нашите потреби. Познавањето на нејзините тајни коишто ние ги нарекуваме природни закони, е од суштинско значење. Искористувањето на природните закони има смисла и треба да се поттикнува. Од друга страна пак, како нус-производ на тоа се појавува нарушувањето на природната рамнотежа, што е најтешко злосторство со кое си ја сечеме гранката на која седиме. За тоа нема поправен испит, ниту има оправдување.
Природните закони најчесто ги изразуваме (опишуваме) со помош на фор-мули. Инженерите работат со тие формули создавајќи притоа машини. Често-пати при ова несвесно или свесно се нарушува природната рамнотежа. Показател за тоа дека ја нарушуваме природната рамнотежа е ако утврдиме или оцениме дека некој циклус е отворен. Затворените циклуси се безопасни. На пример, енергијата добиена од експлоатацијата на нафтата, земниот гас и јагленот е отворен циклус на јаглеродот (последица е емисијата на нови количини CO2) т.е. нема негово кружно движење. Спротивно на тоа, енергијата добиена од хидроцентралите, огревните дрва, биомасите итн. е затворен циклус на нивните чинители.
Заклучокот би се содржел во зборовите: проучувајте ја природата и при-родните законитости. До максимум искористете ги Природните закони за да си го олесните животот и притоа не нарушувајте ја веќе востановената и од пред-ците наследена природна рамнотежа. Тоа е рецептот за осмислен, исполнет живот, како и гаранција за опстанок на човечкиот вид (и не само тој!).

Клучни зборови:

Ова е само дел од статијата која во целост е објавена во Емитер 4-6/2017. Нарачајте го овој број за да ја прочитате целата статија, а ако веќе го имате купено електронското издание најавете се за да го прочитате.