Македонскиот радиоаматер Владимир Ковачески, Z35M е апсолутен светски победник во целогодишниот портабл маратон “Field Flowers“ во 2016 година. Ја одржа и најдалечната радиоврска во маратонот со радиоаматерска станица од Нов Зеланд (17.670 км) со користење на телеграфија и излезна моќност од само 5W.
Победата ја постигна со 142 радиоаматерски активирања на отворен простор од скоро ист толкав број интересни локации во Македонија и неколку во странство, при што со својата минијатурна кусобрановарадиостаница (5W) и едноставни жичени антени со примена на својот препознатлив ултра-лесен портабал стил, најчесто со користење на велосипед за пристигнување до бројните локации извозувајќи и до 70-100 км во еден ден, оствари скоро четри илјади радиоврски со станици од целиот свет. Владимир Ковачески со радиоаматеризам активно се бави три и пол децении во кои што остварил преку 400 илјади радиоврски со сите континенти. Во изминатите две децении има објавувано бројни написи на радиоаматерски теми во “Емитер“ како и во светски реномираното американско списание “CQ Amateur Radio“.