Почитувани читатели,
По речиси една и пол година пауза, повторно сме заедно. За причините кои доведоа до тоа да направивме пауза во излегувањето на ЕМИТЕР имаме пишувано повеќепати, а последен осврт на оваа тема има во колумната на колегата Владимир Филевски објавена во ЕМИТЕР број 1-2/2015.
За жал, неповолните услови си останаа до денес, но се засили ентузијазмот на редакцијата за рестартирање на списанието со осовременување на концептот со кој полесно ќе допреме до вас, применувајќи ги новите технологии од сферата на маркетингот и медиумите. И веднаш да ги претставам – тоа се електронското издание на ЕМИТЕР и нашата електронска продавница. Следуваат по неколку збора за нив.
Понудата на електронското издание на ЕМИТЕР е природна последица на современите трендови во светот на издаваштвото на списанија. Тоа беше во нашите планови неколку години наназад, но перманентната борба за одржување на списанието нè спречуваше да се посветиме на овој проект. Затоа, откако бевме принудени да застанеме со издавање на списанието, веднаш се зaфативме со подготовка на е-Продавницата и на електронското издание. Две основни причини беа клучни за воведувањето на електронската верзија на ЕМИТЕР. Првата беше да ги намалиме производните трошоци, што ќе резултира со намалување на продажната цена на електронското издание на ЕМИТЕР. Втората причина беше да го направиме ЕМИТЕР уште подостапен до вас, ценети читатели, односно со само неколку клика од вашиот десктоп, лаптоп, таблет или паметен телефон да можете да го читате ЕМИТЕР каде и да сте – во својата удобната домашна фотелја, некаде на море или на планина, во Македонија или во странство. Нашите очекувања, а и светските искуства со електронските изданија на списанијата и весниците се дека со електронското издание стануваме поблиски и подостапни до вас, што е цел на секој што се занимава со издавање списанија.
Носечка платформа за електронското издание на ЕМИТЕР е нашата електронска продавница. Тоа е втората значајна новина кај нас и има за цел да ја зголеми достапноста на сите наши производи, како и да понуди производи од нашите деловни партнери. Производите се подредени во неколку категории коишто се повикуваат од соодветните менија. За секој производ е даден опис, фотографија и цена, коишто се, според нашето мислење, доволно релевантни информации за да се донесе одлука дали да се купи конкретниот производ. Во електронската продавница е вклучено и плаќањето на извршената нарачка со платежна картичка (кредитна или дебитна) или со банкарска уплатница/вирман. Секако, со мало истражување на сајтот на електронската продавница, како и со следење на упатствата за корисниците, ќе имате една целосна претстава за нашата е-Продавница, чие користење е интуитивно и брзо ќе премине во вообичаена секојдневна рутина.
Како што кажавме, централно место во нашата е-Продавница има електронското издание на ЕМИТЕР. Електронското издание е во формат на т.н. флипбук, односно го има истиот облик како и печатеното издание, со што е направен ефикасен спој помеѓу старата (печатарска) и новата (информатичка) технологија. За да можете да се запознаете со него подготвивме промотивен гратис примерок на нашето списание. Овој промотивен број е направен како компилација од веќе објавени написи и неколку нови написи. Можете да го разгледате и да се уверите дека во ништо не е намалено или скратено задоволството и уживањето во читањето и дружењето со нашиот ЕМИТЕР.
Се надеваме на долго и плодно дружење преку страниците на ЕМИТЕР. Исто така, се надеваме дека се создадени реални услови за таква дружба. Нам ни останува обврската уште повеќе да ја засилиме огромната работа во дигитализирањето на нашата архива од сите претходни броеви на ЕМИТЕР и нашите книги и брошури. Тоа е процес кој ќе потрае, но се надеваме на негово успешно завршување во некое догледно време, а вас ве молиме за малку трпение. Исто така, треба да се има предвид дека за почеток, ЕМИТЕР ќе излегува само во електронска верзија – причините за тоа се од финансиска природа. Но во првиот момент кога ќе се создадат поволни услови, ќе го воведеме и печатеното издание, паралелно со електронското, за сите оние сладокусци од класичен ков за кои мирисот на свежо отпечатена хартија е незаменлив. Со тоа, веруваме, сите вкусови ќе бидат задоволени. Секако, ЕМИТЕР не би бил тоа што е (македонско бренд списание со 21-годишна традиција!) доколку не понудиме уште новини и изненадувања во нашето работење. Со големо задоволство ќе откриеме и дел од нашите планови за тоа што може да се очекува од ЕМИТЕР во иднина. Но за тоа нешто повеќе во Уводникот од септемврискиот, повратнички број на ЕМИТЕР.
На крајот, сакам да искажам посебна благодарност до фирмите СЕМОС и УНЕТ, со чија помош го реализираме овој проект. Секако, посебна благодарност изразувам и до нашите соработници и сите фирми што ја поддржуваат благородната мисија на ЕМИТЕР. А вас, драги читатели, ве повикувам да ги разгледате електронското издание на ЕМИТЕР и нашата е-Продавница и да ни испратите свои коментари, забелешки и предлози. Секако, примаме и пофалби и честитки :-).