Радиоаматеризмот кај нас своите почетоци ги бележи пред 70 години кога е основан Радиоаматерскиот сојуз на Македонија. Една од живите легенди на македонското радиоаматерско движење е 90 годишниот Миле Секуловски од Скопје кој што сè уште е активен на радиоаматерските фреквенции.
Миле Секуловски, Z31JY роден 1926 год. е најстар радиоаматер во Македонија кој што непрекинато е активен на радиоаматерските опсези повеќе од шест децении.
Со ова хоби започнал да се занимава уште додека живеел и работел во Битола. Бил член на битолскиот радио клуб од каде што во средината на 50-тите години ја одржал првата радиоврска со клубскиот повикувачки знак YU5CEF. Во 1958 година добива личен повикувачки знак YU5JY, кој е прв личен радиоаматерски знак во Македонија и во почетокот на 60-тите години поставува радиоматерска станица во својот дом во Скопје и од тогаш во континуитет е активен до денешен ден. Изминативе години секојдневно е активен на 80 м и 40 м радиоаматерски опсези со неговиот омилен тип на работа телеграфија.
Во 2016 год. неговата домашна радиоаматерска станица во скопската населбата Козле се состои од четири децении стар YAESU FT-101 B кусобранов примопредавател и самоизградени вертикални антени за кусобрановите опсези.
Освен со радиооператорство Миле Секуловски се занимава и со конструирање радиоаматерски предаватели, приемници, линеарни засилувачи, електронски морзеови тастери, антени, и др. Во неговата гаража сеуште чува неколку стари линеарни засилувачи, кусобранови приемници, електронски морзеов тастер од 1968 година и други негови самоградби, како и колекција од рачно исцртани електронски шеми за неговите самоградби.