Вчера на пресконференција НАСА ги објави новите сознанија од орбитерот Mars Reconnaissance (MRO) којшто го обезбеди досега најсилниот доказ за постоење на течна вода на површината на Марс денес.
Користејќи го спектрометарот на МРО, научниците забележаа сигурни знаци за хидрирани минерали на падините кадешто се забележани мистериозни ленти на површината на Црвената планета. Овие темни ленти покажуваат знаци на одлив и прилив при нивно набљудување на подолг период. Тие потемнуваат и се чини дека течат по стрмните падини за време на топлите сезони, а потоа избледуваат во поладните сезони. Се појавуваат на неколку места на Марс кога температурите се над -20°C и исчезнуваат при постудено време.
"Нашата мисија на Марс се состоеше во "следење на водата" во нашата потрага по живот во вселената, и сега имаме убедлив научен доказ којшто го потврдува она во што долго време се сомневавме", изјави Џон Грунсфелд, астронаутот и соработник администратор во еден од одделите на НАСА. "Ова е значајно откритие, бидејќи се чини потврди дека вода, иако солена, и денес тече на површината на Марс".
Овие падински текови, познат како периодични падински линии, честопати им била припишувана можна поврзаност со течна вода. Новите откритија на хидрирани соли на падините укажуваат на видот на поврзаност со овие темни карактеристики. Хидрираните соли ја намалуваат точката на замрзнување на течноста. Научниците велат дека најверојатно се работи за плитки подповршински текови, со доволно површинско избивање на водата за да се објасни затемнувањето на линиите.
Овие збунувачки карактеристики првпат се забечежани во 2010 година на сликите од MRO со висока резолуција од неговиот уред HiRISE. Набљудувањата на HiRISE досега документирале десетици локации на коишто се појавуваат овие падински текови. Новите истражувања ги споредуваат набљудувањата на HiRISE со мапирањето на минерали коешто го прави еден друг инструмент на МРО - CRISM.
Хидрираните соли, наречени перхлорати, и претходно беа најдени на Марс. Лендерот Феникс на НАСА и роверот Curiosity ги наоѓаа во почвата на планетата, а некои научници веруваат дека и мисиите Viking во 1970-тите детектирале знаци на овие соли. Она што е ново е што неодамнешното истражување на падинските текови откри перхлорати во хидрирана форма во различни области од оние истражени од страна на сондите. Истовремено за првпат перхлоратите се идентификувани од орбита.
Инаку ЕМИТЕР во повеќе наврати има пишувано за можноста за течна вода на Марс сега но и во минатото. На оваа тема може да ги косултирате следниве написи: Воденото минато на Марс (E 5/2008), Длабок увид во геологијата на Марс (E 11/2012), Имало ли живот на Марс пред тој да се појавил на Земјата?(E3/2013) како и повеќе други чијшто список е достапен тука
Повеќе за актуелнoто истражување може да најдете на официјалниот сајт на НАСА тука