Утрово, за разлика од вчерашното совршено сончево време, Сан Франциско нè дочекува со облаци. Како да знае дека започнува IDF15, па не сака да ги повреди со пресилното Калифорниско сонце, нежните, никогаш несончаните лица на неколкуте илјади програмери и разноразни компјутерски занесеници кои и онака ретко гледаат друга светлина освен онаа генерирана од мониторот. Иако времето не ни се погоди, расположени и насмеани, влегуваме во преубавиот Москон центар во центарот на Сан Франциско, и со драго срце го менуваме витаминот Д за најновите технолошки чуда што ни ги подготви Intel.
Секако, започнуваме со отворањето, на кое треба да ни се обрати извршниот директор на Intel, Брајан Кржанич (Brian Krzanich), хрват по потекло и прв човек на компанијата веќе неколку години.
Но, пред да започне неговото обраќање, врз многубројната публика (можеби 5000 луѓе) паѓаат неколку џиновски надуени топки, а од публиката, како еден вид игра, се очекува да ги турка со своите раце од едната кон другата страна и на некој мистериозен начин да погоди некакви виртуелни астероиди во воздухот. Потоа, истите тие топки, во Руб Голдберг стил на машина, предизвикуваат домино-ефект на сцената, за по неколку секунди на видео-екраните да почне одбројувањето. Во воздухот одеднаш се појавуваат три проѕирни топки, кои слободно лебдат во воздухот, а во нивната внатрешност се појавуваат буквите I, D и F. Во позадина се слуша грандиозна музика, проследена со огромен аплауз. Со оглед на тоа што програмерите по природа се мрзеливи луѓе кога се работи за спортови со топка, мислиме дека оваа игра која бара поголем физички напор од движењето на џојстикот ги импресионира исклучиво посетителите-новинари. Но, аудиовизуелниот перформанс заслужи чиста десетка, па и програмерите се придружија кон аплаузот.
На сцената е Брајан, започнува IDF15. Нè потсетува дека Руб Голдбер машината и сите балони што ги видовме се дизајнирани и работат на Intel технологија. Логично.
“Компјутерите се насекаде”, нè потсетува Брајан, "а работењето со нив веќе е навистина персонално искуство". Ги набројува трите “клучни претпоставки” на Intel: првата е “sensification” - денешните компјутери имаат аудио, видео и допир. Втората е дека сите компјутери ќе бидат паметни и поврзани, а третата е дека компјутерите ќе станат продолжение на самите нас.
Господинот Кржанич започнува со претставување на најновото од Intel, а ние ќе се обидеме да напишеме накратко за клучните теми, оставајќи го комплетниот извештај за наредниот број на Емитер.
Intel Smart Sound
Интересна технологија развиена од Microsoft и Intel, која овозможува контрола на компјутерот со едноставни усни команди. Демото работи на Windows 10 и ја користи Cortana (конкурент на Siri). Брајан и неговиот гостин ни покажуваат како може на многу лесен начин да пуштите песна со едноставното: “Cortana, пушти го тој и тој албум”. Веднаш ќе помислите дека тоа не е ништо ново, но импресивната работа во целото демо е тоа што компјутерот беше комплетно исклучен, но се разбуди веднаш на наредбата: “Cortana, wake up” (слично на Google и нивната “OK Google” наредба, која на извесни телефони постојано работи во позадина.
RealSense
Пред извесно време, Intel ја претстави RealSense, технологија која, меѓудругото, му овозможи на прототипот на летачки дрон автономно да се движи низ прилично густа шума. Денес, Intel ни го покажа последниот збор на оваа технологија, прототипен мобилен телефон, прв од овој вид, со вградена RealSense камера, кој за околу 30 секунди скенирање на просторот изработи комплетна 3D-слика од сите објекти во собата. Навистина импресивно, публиката е во делириум.
Роботот Relay
Се работи за робот кој првичната намена ја наоѓа во хотелиерската индустрија. Овој виртуелен батлер, изработен од Savioke, е способен да пренесе (relay) нарачка до собата на гостите во хотелот со едноставно внесување на бројот од собата. На сцената се појавува лично Relay, кој на Брајан му доставува диетална кока-кола.
Skylake и RealSense заедно
Ова беше многу краток вовед во новата процесорска микроархитектура на Intel, која секако ќе има своја посебна презентација. На екраните врти игра, VRX симулатор на iRacing. Симулаторот е со вградена RealSense камера, која ги следи движењата на возачот, притоа менувајќи го неговиот поглед над кокпитот во реално време.
IoT (Internet of Things)
Претставување на Memomi (Memory mirror), виртуелно огледало коешто ќе им овозможи на продавниците за облека да понудат една навистина уникатна опција со која купувачите ќе можат веднаш виртуелно да ја променат својата облека и да се видат во целосен поглед од 360 степени, без да се преоблекуваат, со едноставно притискање на неколку команди на самото огледало. Ракоплеска пола публика, т.е. програмерките.
Fossil, во соработка со Intel претстави паметен часовник базиран на Android Wear (достапен во 2016). Беа спомнати имињата на Гучи (Gucci), Мајкл Корс (Michael Kors), Армани (Armani) и други, што јасно ни дава до знаење дека Intel во моментот е посветен на модната индустрија кога се работи за паметните часовници. Веруваме дека ова е добар потег, со оглед на тоа што влегуваат во игра малку подоцна и секако дека сè уште нема да можат да се натпреваруваат со производите на компаниите што се таргетирани за обичните корисници кои не ги интересира модата (меѓу кои, секако, се и програмерите).
Intel Curie
Претставен е Intel Curie, компјутер со големина на копче. Следува, според нас, еден од најдобрите моменти на денешниов ден, BMX трикови со податоци во реално време. Велосипедот е опремен со Intel Curie сензори, монтирани во седиштето и воланот. Велосипедистот во еден момент буквално прелетува преку главата на Брајан, додека на екранот се појавуваат секакви податоци: ротација на велосипедот, должина на скокот, број на секунди во воздух, висина на скок, генерирана сила при приземјување, агол на велосипедот итн. Примената е јасна, спортистите ќе имаат податоци што ќе им го подобрат тренингот, а публиката ќе може навистина да разбере што сè се случува при некој спортски настан (оваа технологија, логично, нема да се користи исклучиво за велосипеди). Презентацијата доби убедливо најголем аплауз.
За крајот на презентацијата, видовме роботи-пајаци, кои реагираат на движења на рака, притоа нишајќи се и поздравувајќи ја публиката. На сцена излегува огромен робот-пајак, кој игра на диско-нумера во придружба на вистински танчери. Нема што, вистинско шоу.
Intel Developer Forum е еден прекрасен настан кој мора да се види за да се доживее, без разлика дали сте програмер или обичен вљубеник во технологијата, а Intel е несомнено компанија која може да се пофали со тоа што можеби е најголемиот виновник за развојот на компјутерската индустрија. Видовме прекрасни иновации, но би ни требале уште десетина дена за навистина да дознаеме што сè се врти низ мозоците на научниците од оваа неверојатно иновативна компанија.
Се надеваме дека барем за момент ве одведовме во Сан Франциско и ја почувстувавте извонредната енергија што го следи овој настан. Денешниов ден го посветивме на иновациите на Intel. Утрешниот ден ќе го искористиме за да ве известиме за сите оние компании коишто се присутни на IDF и развиле решенија базирани на платформита на Intel, кои ги има бескрајно многу, а веруваме ќе го привлечат вашето внимание како што тоа ни се случи нам.
До утре, поздрав од не баш топлото Сан Франциско.
Од Москон центар за Емитер,
Марјан Ташевски