Почитувани,
Дали има софтвер за обновување (recovery) на избришани податоци (конкретно слики) од мемориска картичка? Сликите се по грешка избришани од мемориската картичка. Дали се избришани преку фотоапаратот или преку компјутер (ако тоа менува нешто) не знам, прашувам во име на пријателка. Ако има софтвер, дали може да се обноват сликите во аматерски услови и која е постапката?
Со почит,
Зоран Јанкулоски

Има повеќе фактори од кои зависи враќањето на избришани слики/датотеки. Дали се избришани преку компјутер, или преку фотоапаратот, дали е форматирана картичката или не, дали бришењето е направено сега скоро или одамна. Во најдобрата ситуација во која сликите можат да се вратат, тоа може да се направи со соодветен софтвер, без софтвер – за жал, ништо.
Има многу такви, едноставни се за користење и интуитивни, дури и нивните бесплатни варијанти би завршиле работа. Кој е најдобар искрено не знам. Може да се пробаат следните:
http://www.recovering-deleted-files.net/
http://www.pandorarecovery.com/
http://www.easeus.com/data-recovery-software/
Неколку совети во ваков случај:
1. Не форматирајте го меморискиот уред, датотеките можеби сè уште се таму, но FAT табелата можеби е само ибришана, па со некој ваков соодветен софтвер таа може да биде освежена, и датотеките повторно да бидат достапни.
2. Не снимајте ништо на тој мемориски уред додека не се обидете да си ги повратите податоците затоа што, иако тие се тука, штом нивната FAT табела е избришана, оперативниот систем го означува како слободно местото на кое се наоѓаат датотеките, па по потреба може нив трајно да ги избрише.
3. Доколку избришаните податоци што сакате да ги повратите се на самиот хард диск и на истата партиција на која е инсталиран оперативниот систем, не правете ништо друго (или правете што е можно помалку) и веднаш пристапете кој враќање на податоците со некој соодветен софтвер. Имено, доколку продолжите да го користите компјутерот и понатаму, тоа може да доведе до бришење на податоците. Како тоа? Пример: Сурфате на интернет, прелистувачот презема привремени датотеки и ги зачувува на истата партиција, оперативниот систем може да одреди да ги зачува тие привремени датотеки на местото каде што се наоѓаат веќе избришаните затоа што ние бришејќи ги, сме го означиле за слободно местото на кое тие се наоѓале, па така тие можат да бидат трајно избришани.
Се надевам дека нешто од советите ќе Ви биде од корист и дека ќе си ги вратите сликите. Се разбира, најдобро е да се прави копија и да не дојде до вакво нешто, но кога веќе се случило, се надеваме дека сепак, може нешто да се спаси.
Александар Илиоски

Нема врска дали е избришано со самиот апарат или на компјутер. Тоа што е битно е по бришењето да немало друг запис на картичката, бидејќи со тоа ТРАЈНО ќе биде избришан претходниот запис (конкретно, тој што се "изгубил"). Самата природа на бришење запис е таква што податокот всушност не се брише трајно, туку се брише, ај да се изразиме така (да не почнуваме технички семинар на таа тема), само податокот за негово постоење на дискот/картичката. Со обичното бришење – DELETE, се дава информација на оперативниот систем дека тој дел од дискот/картичката е слободен за нов запис, и дури кога на тоа место ќе се презапише нов податок, претходниот трајно се губи.
Која било програма од типот на File Scavenger, Get Data Back, Easy Recovery, Recover my files или слична, може да послужи за враќање на избришаните податоци. По инсталацијата на софтверот, пожелно е, пред да започнеме со постапката за враќање на избришаните податоци, да се прочита и да се проучи упатството или менито help со кој располага програмата.
Самата постапка во основа е иста, но интерфејсот варира од програма до програма. Кај некои програми постапката е упростена (помалку чекори), но крајниот резултат е ист. Значи, најнапред се врши скенирање на хардверот и се пронаоѓаат сите приклучени хард дискови, USB-уреди, мемориски картички и сл. Тука треба да се има предвид дека некои програми не овозможуваат враќање од мемориски картички и/или USB.
Откако ќе се изврши проверка на хардверот, се покажуваат сите пронајдени дискови, картички, USB. Се избира уредот од кој сакаме да се вратат податоците, кај некои се бира и системот на датотеки (FAT, FAT32 или NTFS), што може да биде кочница доколку немате поим каков систем на датотеки имал уредот. Ако не се знае, постои опција (пак во зависност од софтверот) RAW RECOVERY, а некои програми овозможуваат враќање и ако не се наведе системот на датотеки.
Програмата File Scavenger нема да Ви додева со чекори од типот за каква хаварија се работи (бришење, форматирање, нечитливост и слично), но кај Get Data Back и Easy Recovery, тоа е еден од чекорите. Понатаму, некоја програма нуди (некоја пак не) да се избегне враќање на податоците што сте ги избришале свесно, но тоа во случај на несакано форматирање, или губење на MBR или слична хаварија.
Наредниот чекор е исчитувањето на уредот и листање на пронајдените податоци. Ги бирате/маркирате тие што сакате да Ви бидат вратени (или пак бирате да се врати се) и бирате локација на дискот каде да се снимат. Таа локација МОРА да биде на друг диск или партиција, не на таа од која се читаат!
Е сега, колку ќе биде успешна операцијата на спасување, е мала лотарија. Најлесно страдаат слики и аудио/видеозаписи, односно најголем процент на неуспешно враќање е токму кај нив. Секако, тоа зависи и од самата хаварија. Во вашиот случај постојат големи шанси да ви бидат успешно вратени избришаните фотографии, бидејќи говориме за обично бришење (DELETE), ако добро Ве разбрав.
Крајно, постојат и специјализирани лаборатории во Белград и Загреб за враќање податоци, кои имаат и соодветна опрема, уреди, лаборатории со HEPA 100 филтри. Не е баш евтино, но не и прескапо. Последна опција доколку податоците се навистина до таа мера битни.
Поздрав, и со среќа.
Зоран Ивановски