Здраво Емитер!
Добив краток летен одмор од фирмата, па дел го искористив за одмор, а дел за читање некои проекти од Емитер. Да бидам попрецизен, го читав серијалот "Како до квалитетни звучни кутии" од почитуваниот Емилијан Иљоски. Во бројот 6/07 даден е конкретен проект за изработка на звучник со детални објаснувања, но нема дадено никакви мерења на овој звучник и слушни тестови. Сакам да видам измерена фреквентна карактеристика од овој звучник и од неа да видам колку е осетливоста и граничните фреквенции. Исто така сакам да видам дијаграм со хармониците на овој звучник. Сето ова ми е потребно бидејќи сакам да го изработам овој звучник за мојот засилувач од 25W/8 оми што го имам направено самиот – тоа е засилувачот F5, кој на интернет многу го фалат.
Инаку, за мерењата може да помогне господинот Филевски со професионлниот уред CLIO, а резултатите можете да ги објавите во наредниот број на Емитер во рубриката "Операциона сала". Верувам дека освен за мене, ова ќе биде интересно и за многу други читатели на Емитер.
Во очекување на позитивен одговор, ви благодарам и ве поздравувам
Гоце (Petrus Armagedon).
Вашата забелешка е сосема на место иако серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?", кој одеше во 7 продолженија во 2007 година, беше првенствено наменет за една сосема друга работа, а тоа во прв ред е да се обработат постапките и техниките потребни за изработка на квалитетна звучна кутија. Во прв ред тоа се:
– мерење и пресметка на Thiele-Small параметрите на звучниците;
– проектирање на кутијата и нејзина оптимизација према овие параметри;
– избор на материјали и техничка изработка на кутијата;
– пресметки и изработка на соодветна свртница.
Како што и самите гледате, тоа се теми кои ретко се наоѓаат во написи за самоградители и ретко кој сака да ги отстапи, бидејќи ја претставуваат самата срж на занаетот! Значи, јас не ви давам вода кога сте жедни, туку ве упатувам на начини како да ја најдете истата. Совладајте ги овие техники, а понатамошните мерења врзани со звучниците ќе си дојдат сами по себе, имајќи ги предвид бројните написи во Емитер на оваа тема на колегата Филевски, како и мојот серијал "Мерења во аудиотехниката" кој одеше во 2010 година.
Поради комплексноста на проблематиката, серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?", иако одеше во 7 продолженија, не успеа во потполнолност да ја обработи предвидената проблематика, што и сум го нагласил во заклучокот на серијалот. Затоа во некој иден серијал можеби би било умесно да ги земеме предвид вашите забелешки. Но денес, после поминати полни 6 години од серијалот, сосема неумесно би било да вршиме дополнителни мерења на звучната кутија изработена специјално за тој серијал, првенствено како нагледно средство и практичен пример на изложените постапки за изработка на звучни кутии, а дотолку повеќе што таа звучна кутија беше спонзорирана од наш читател и стана негова сопственост после серијалот. А и да ја имаме на располагање, за што би ни биле потребни нејзините карактеристики ако немаме на располагање токму такви драјвери (звучници), што најверојатно и би било случај поради големата временска разлика и нередовноста на македонскиот пазар со елекронски компоненти.
Токму затоа, серијалот "Како до квалитетни звучни кутии?" ве упатува на мерења и постапки за добивање на квалитетни звучни кутии со драјверите кои ги имате. Потоа, се разбира, добро би било вака изработената звучна кутија да ја донесете во "операционата сала" на Емитер каде нашиот експерт, г. Владимир Филевски, ќе ги изврши соодветните мерења и ќе ви ги посочи евентуалните можни подобрувања!
Емилијан Иљоски