Здраво Емитер,
Го изработив бројачот од Емитер 12/2011 и тој успешно функционира. Сега сакам да му најдам некоја практична примена, па решив да го поставам во дуќанот кај мајка ми за да ги брои муштериите во текот на еден ден. Претпоставувам дека за тоа ќе ми треба фотосензор и некоја додатна електроника. Барав на интернет некоја шема како да го направам додатното коло. Најдов многу различни шеми, ама не знам која би одговарала за овој бројач. Дали вие можете да дадете некое ваше решение за оваа моја идеја?
Благодарам однапред
Зоран Симјаноски од Прилеп

Бројачот е мошне флексибилен кога е во прашање поврзување на надворешен сензор. Која било варијанта која генерира импулси или претставува обичен прекинувач/тастер може да ја заврши работата. Конкретно за Вашата апликација, постојат многу варијанти за кои само ќе нафрлам некои идеи со кои мислам дека ќе добиете подобра слика околу целава ситуација.
Како прво, при броење луѓе кои влегуваат во просторија (муштерии) мора да се земе предвид дека истиот тој број на луѓе и излегуваат од таа просторија. Според ова, доколку се работи за една единствена врата за влез/излез (како во 90% од случаите), тогаш бројачот би броел двапати еден ист муштерија, еднаш за влез и еднаш за излез.
Наједноставно, ова може да се реши со еден извор на инфрацрвени (IR) импулси преку некоја IR LED диода од едната страна на вратата, а од другата страна како сензор да се употреби некој од интегрираните TSOP17xx инфрацрвени сензори.
Изворот на такт-сигнал би можел да биде класичен астабилен мултивибратор со NE555 на одредена фреквенција, најчесто околу 38kHz. За приемникот може да се изработи едноставно електронско коло кое ќе генерира по еден импулс на излез за секој прекин на IR-зраците на неговиот влез. Како најдобра референца за вакво коло може да послужи проектот "Инфрацрвена бариера" од ЕМИТЕР 5-6/2000. За оваа намена може да послужат и проектите "Детектор на присуство со инфрацрвени зраци" од ЕМИТЕР 9/2007 и "Едноставен инфрацрвен аларм" од ЕМИТЕР 1/2010. Кој било од овие проекти можете да го употребите/прилагодите/упростите за Вашата апликација.
Притоа, само ќе споменам некои фактори кои треба да се земат предвид:
1. Со наједноставната варијанта бројачот ќе ги брои сите влегувања и сите излегувања од просторијата, па со тоа реалниот број на муштерии би бил двапати помал од бројот прикажан на дисплејот од бројачот. За да се избегне ова, треба да се доработи надворешната електроника кај приемникот да генерира по еден импулс на секој втор прекин на IR-зракот, или пак, да се смени програмата за микроконтролерот на бројачот.
2. Поставувањето на инфрацрвената бариера треба да биде на оптимална позиција (висина) за да не се случуваат повеќе прекини на IR-зракот при едно поминување на човек. Ова може да се случува ако бариерата е премногу долу, па од нозете на човек при расчекор добиваме два прекини при само едно поминување на човек, или пак, ако е во висина на рацете, па може да добиеме и до 3 импулси при едно поминување од движењето на рацете на човечкото тело. Според искуството со слични проекти, најоптимална висина е висина на рамениците од човек со просечен раст.
3. Доколку уредот треба да работи и во екстремни температурни услови (температури под 0 °C), треба да се земат предвид сите употребени компоненти. Доколку се работи за дуќан кој е често изложен на температурни промени, може да се случи наутро кога просторијата не е загреана да имаме температури и под нулата, па ако се употребени стандардни компоненти за комерцијална употреба, може да добиеме нефункционален уред сè додека просторот не се загрее на некоја "нормална температура". Доколку ова е случај, треба да се внимава сите употребени компоненти да бидат за температурно подрачје од -40 до +100 степени Целзиусови.
Перица Јакимов