Здраво Емитер,
Јас сум заинтересиран за звучници за миксета за озвучување затворен и отворен простор. Миксетата е Soundcraft Spirit Powerstation 600 и на неа ќе се приклучат соло-гитара, акустична гитара, бас-гитара, тапани и вокали. Би сакал да ми дадете предлог за избор на драјвери за кутиите, како и проект за самоградба на звучни кутии со ваши пресметки за кутиите и свртницата. Нормално, ќе си платиме колку што треба.
Тука кај нас во Струмица нудат некои комплети кутии, но повеќе доверба имам кај во, особено кај почитуваниот господин Владимир Филевски.
Благодарам однапред.
Трајко од Струмица

Вашето барање не е доволно јасно – дали за постоечките електрични соло-гитара и бас-гитара веќе располагате со соодветни комбоа (засилувач + звучна кутија), или не? Ако немате, тогаш не е препорачливо нив директно да ги приклучите во Soundcraft миксерот, бидејќи нема да го добиете оној вистински звук на електрична гитара. Препорачувам да набавите VOX, Line6, Peavey или некое слично квалитетно комбо за гитара. На нашиот пазар има голем избор на вакви засилувачи по многу поволни цени – поевтините модели се движат од 100 до 300 евра. Погледнете во Артист системс (www.artist-macedonia.com) и во До Ре Ми - Јамаха (www.doremi-yamaha.com.mk).
Правилно озвучување на електрична гитара се изведува со микрофон поставен непосредно пред звучникот од комбото, а сигналот од микрофонот се проследува до миксерот и преку него до главните звучници од системот за озвучување. Ако во моментов немате доволно средства за набавка на соодветно комбо за електричната соло и бас-гитара, може за почеток да се врши директно приклучување на електричните гитари во миксерот, но задолжително преку DI-box! Цената на еден DI-box е од 35 евра, па нагоре, но него можете да го направите и во самоградба.
Не наведовте колкави средства планирате за звучните кутии? Самоградба се исплати само ако се употребуваат квалитетни (и скапи) звучници. Или, може и со поевтини звучници, но само во случај ако располагате со алат и столарско знаење сами да ја обработите дрвенаријата за кутиите (да не плаќате мајстор за таа работа).
Квалитетен бас/среднотонски звучник од 12 или 15 инчи чини од 70 до 130 евра (и повеќе), а квалитетен високотонски драјвер со намотка од 44 mm и грло од 1 инч исто така е од 70 до 130 евра, но за него треба и хорна која чини од 15 до 35 евра. Вкупно, за една кутија, драјверите, хорната и свртницата чинат од 200 до преку 300 евра. Ако на таа цена се додаде колку би чинела кутијата, ќе се добие прилично висока цена, но ваква звучна кутија направена во самоградба со квалитетни компоненти и добро проектирана свртница може без проблеми да конкурира на поскапи фабрички звучни кутии.
Ако Ве интересира поевтино, но сепак квалитетно решение, можам да препорачам готови звучни кутии од познатата англиска фирма Wharfedale, моделите Titan 12 (12-инчен бас и 44 mm високотонски драјвер, по цена од 211 евра за една кутија) или Titan 15 (15-инчен бас и 50 mm високотонски драјвер, 276 евра за една кутија). Нив можете да ги купите од Аудио Експерт (www.audioexpert.com.mk).
Ако инсистирате на пониска цена и на самоградба, можам да препорачам 15-инчен бас-среднотонски звучник P.Audio E15-200S и високотонски драјвер со 25 mm намотка во интегрирана хорна P.Audio PHT-404P или PHT-408. Овие компоненти беа искористени во проектот TNT-15K, објавен во ЕМИТЕР 3/2012, но за Вашиот случај би препорачал малку посложена (и поскапа) свртница и, се разбира, класична правоаголна кутија.
Владимир Филевски