Здраво Емитер,
Го имам изработено автомобилскиот аудиозасилувач од 70W (од Емитер 9/04) во стереоверзија. Решив да го поврзам во Застава 128 и го приклучив на CD плеер Pioneer. Сè додека колата е изгасната засилувачот работи супер но кога ќе се запали колата, се појавуваат шумови кои се зголемуваат со зголемување на вртежите. Се обидов, го исклучив CD плеерот од влезот и засилувачот го приклучив на мобилниот, и шумовите се изгубија, што значи дека не е до напонот, туку до аудиосигналот. Сакам да го искористам интегралецот LM1894 за овој проблем, па мала помош од Вас ако може.
Благодарам однапред.
Никола Танов
Нормално е дека од мобилниот телефон нема да има зуење бидејќи не се напојува од исто напојување со аудиозасилувачот. Во вашиот случај ЦД плеерот и аудиозасилувачот имаат исто напојување, односно иста маса. Но поради должината на жиците и, претпоставувам, употреба на обични жици за аудиосигналот, наместо коаксијален аудиокабел, меѓу масата на аудиозасилувачот и ЦД плеерот постои потенцијана разлика. Проблемот можете да го решите на 2 начина:
1. Употреба на филтер во напојувањето на аудиозасилувачот и ЦД плеерот.
2. Директно поврзување на напојувањето и масата од аудиозасилувачот и ЦД плеерот, а дури потоа поврзување со напојувањето и масата со остатокот од автомобилот (ЦД плеерот треба да биде изолиран од масата (металните делови на автомобилот) и со што пократка дебела жица да биде поврзан со масата на аудиозасилувачот – истото важи и за напојувањето).
Во секој случај, за поврзување на двата уреда треба да се употреби аудиосигнален кабел со добар квалитет.
Денис Галовски
Кај Вас проблемот не е во засилувачот, ни во ЦД плеерот. Проблемот Ви е во автомобилот!
Имено, сите понови типови автомобили имаат вградено како стандардна опрема соодветна "блокажа" која во голема мера ги елиминира електромагнетните пречки создадени од системот за палење и регулацијата на напонот на алтернаторот. Во Застава 128 таква блокажа не е вградена, па затоа имате проблеми! На пазарот (сè уште) постојат комплети за "блокажа" со помош на кои можете, зависно од моделот, помалку или повеќе ефикасно да ги елиминирате овие пречки. Тие вообичаено се состојат од филтер на 12-волтното напојување, сочинет од пар кондензатори и индуктивности, специјално дизајнирани и оклопени приклучни кабли и капи за свеќиците и додатен кондензатор на платините.
Покрај овие системи за "блокажа", препорачливо е исто така со засебни кабли од акумулаторот да се донесат и (+) плусот и (-) минусот до аудиоуредите! Тоа се прави со соодветни прописно монтирани "силиконски" кабли со попречен пресек од најмалку 2,5mm2! Притоа, особено внимавајте на квалитетната и прописна монтажа на "блокажата" и/или на засебните кабли за напојување – со тоа ќе ја намалите веројатноста од пожар во Вашиот автомобил.
Емилијан Иљоски