Драги Емитерџии,
Имам конкретен проблем за кој ми треба ваша стручна помош. Имено, имам самостојно изработено уред за греење ("тајфун") со моќност од 12 KW. Се состои од три грејачи кои се поврзани во триаголник и нивното управување го правам со CN-склопка (16 A), која, пак, е управувана од собен термостат. Уредот функционира добро, но има една маана која ме вади од такт, а тоа е: кога ќе повлече електромагнетот на склопката прави толкав удар, што ако сте задремале ќе ве извади од памет. Дали можете да ми предложите некое решение за прекинувањето на фазите, т.е. да ја заменам склопката со некој електронски уред кој има тријаци, за да добијам тивка и елегантна верзија. Има можност проблемот да се реши со склопка која е тивка, т.е. која на намотката има уред кој прави котвата да влече полека, постепено, со што се губи звукот на штракање. "Тајфунот" е мој уникатен производ и искрено би ме радувало ако го надоградам со уште еден уред од самоградба.
Поздрав,
Мики Крстевски

Моја прва препорака е да се обидете со CN-склопка од друг производител! CN склопките знаат да бидат бучни, ама не толку колку што кажувате! Исто, заради моќноста на грејачите (3x4kW), добро би било да си земете појака CN склопка (3x25A) бидејќи оние 16A се максимална струја за која производителот гарантира дека склопката нема да се оштети. Кај грејачите, почетната струја при стартување знае да биде поголема за повеќе од 2 пати од номиналната (освен ако не се работи за грејно тело од константан, на пример)! Поголема склопка во начело би значело и поголема бучава при преклопувањето! Но сè тоа зависи од квалитетот на истата! На пример, пред некоја година вградив една таква склопка од Siemens (CNW40 серија) која беше зачудувачки тивка за 40-амперска во однос на Искрините за 16A, а да не зборуваме за сè што се продава по пазарите!
Инаку, бавно преклопување кај склопките – тоа нема. Склопката треба механички колку што е можно побргу да преклопи – со тоа се намалуваат транзиентните појави, односно искричења! Одлично решение би било да се примени некоја од таканаречените "Solid State" склопки, односно полуспроводничка склопка (со тријаци, на пример). И такви трифазни склопки има на пазарот, но не се баш евтини.
Алтернатива би била изработка на таква склопка. Како појдовна основа би можел да послужи проектот објавен во Емитер бр. 5/11: https://emiter.com.mk/napis/10441. Ова би можело добро да се вклопи, BTA40/700 е моќен 40A тријак што одлично би ја свршил работата! Применетите опто-тријаци се исто така одлични бидејќи овозможуваат преклопување при проаѓање низ нула на напонот, што го "штеди" грејното тело. Нормално, тука треба да се вградат 3 такви тријаци и истите треба да се ладат (секој од нив би дисипирал некои 20 W, што не е воопшто мала бројка). Останува ова решение да се "фузионира" со постоечката електрична шема.
Емилијан Иљоски