Поздрав до редакцијата
Како долгогодишен ваш верен читател за првпат би поставил едно прашање. Прашањето е: на кој начин би можел да го вклучам домашниот комјутер од далечина користејќи го телефонот (мобилен), или пак на некој друг начин?
Однапред Ви благодарам на одговорот.
Младен, Битола
Претпоставувам дека сакате да го вклучите својот компјутер од многу голема далечина, користејќи телефонски повик од Вашиот мобилен телефон, па, според тоа, на прв поглед постојат две варијанти:
1. Доколку имате активна фиксна линија, полесно е да ја искористите неа, но за таа намена ќе треба да се направи соодветно електронско коло со некој микроконтролер, кој би го примил телефонскиот повик и согласно со тоа би активирал некој релеј (со времетраење од неколку милисекунди) чии контакти треба да бидат поврзани директно на тастерот за вклучување на куќиштето од компјутерот. Проект за таков уред, но решен без употреба на микроконтролер, имавме објавено во ЕМИТЕР 1 и 2 од 2002 г.
2. Втората опција е да се изработи коло со GSM-модем, кое ќе одговара на телефонски повик кон соодветниот број, или пак да одговара на соодветна SMS-порака која може да содржи предефинирани команди што подоцна може да се извршуваат на микроконтролерот. Ова е мошне покомплексно и поскапо решение, но сепак е мобилно и може да се користи за најразлични намени.
Слични вакви уреди, за индустриска намена и со многу повеќе опции, можат да се најдат во Логинг електроникс по цена од околу 600 евра со ДДВ. Сепак, одамна ми стои идејата за ваков проект, па се надевам дека ќе најдам доволно време за негова реализација и да се најде на страниците на Емитер. Тоа решение би било доста поевтино од она индустриското, но сепак зборуваме за сума од околу 100-150 евра. Само да напоменам дека, доколку наместо GSM-модем се искористи некој стар мобилен телефон, решението би било многу поевтино.
Перица Јакимов
Има неколку начини да се постигне тоа:
1. Секоја понова матична плоча има вградена опција WOL (wake on lan), односно со праќање соодветни пакети на соодветна MAC-адреса може да се вклучи одбраниот компјутер во локална мрежа. Но за ова да функционира преку интернет, односно на далечина, потребно е да имате Linksys WRT54GL рутер флешуван со DDWRT firmware, а потоа да се регистрирате на www.no-ip.com за да имате пристап до Вашиот рутер и покрај тоа што вашиот интернет-провајдер Ви доделува динамичка (променлива) IP-адреса.
2. Доколку имате фиксна телефонска линија, можете да го искористите проектот за DTMF-декодер објавен во бројот 1/2000 - овој декодер, со додавање на малку интелигенција (логички кола или многу поедноставно PIC-микроконтролер), може да изврши едноставна задача како вклучување на релеј и вклучување на вашиот компјутер.
3. Стар мобилен телефон Ериксон кој употребува сериски пренос на податоци на својот DATA-конектор, во комбинација со соодветно испрограмиран микроконтролер.
4. Нов мобилен телефон кој има опција за избор на RING-тонови - за сите останати повици одбираме RING-тон без звук, а за бројот од кој ќе се врши вклучување – RING-тон со константна фреквенција, на пример 1KHz. Потоа, со помош на LM567 правиме тон-декодер кој реагира на фреквенција од 1KHz, па секој пат кога мобилниот ќе биде повикан од бројот за активација LM567 преку употребениот микрофон ќе детектира сигнал од 1KHz и ќе го вклучи релејот, а со тоа и компјутерот.
5. Готови уреди (нарачани од интернет или купени во локална продавница) за автоматизација на уреди преку фиксна телефонска линија или СМС-контрола.
Денис Галовски