Драга редакцијо
Уште на почетокот би сакал да истакнам дека до сега не бев ваш редовен читател. Списанието ЕМИТЕР го купувам редовно од пред неколку месеци, поточно од декември минатата година. Сепак успеав да ги набавам и поранешните броеви т.е. од првиот број, така што добро ми е позната досегашната содржина на ова единствено списание од ваков вид кај нас. Можам слободно да ви кажам, дека списанието е доста добро за еден ваков вид списание со оглед дека истото има сепак ограничен број читателски аудиториум и со тоа мал тираж. Секако дека уште многу треба да се работи на тоа содржините да бидат уште побогати и поразновидни како би привлекле поголем број читатели.
Мојата професија е поврзана со електротехниката, а посебно сум љубител на електрониката, па до сега на практичен план сум реализирал голем број склопови и уреди од електрониката кои успешно функционираат и наоѓаат корисна примена. Поттикнат од желбата ова наше, понатаму и мое омилено списание да го направиме што поинтересно и посодржајно еве ви испраќам и мој прилог со неколку шеми кои се надевам ќе побудат интерес кај читателите.
Иако списанието ЕМИТЕР е наменето претежно за тесен круг читатели, сметам дека во него не треба да се најдат само сложените склопови (овие претежно содржат голем број специфични делови, IC-кола и голем број додатни елементи), туку и релативно едноставни склопови корисни за секого, а чија што реализација ќе биде подостапна за поголем број читатели. Ова е посебно важно за оние читатели кои се со почетничко знаење од електрониката, бидејки сметам дека списанието треба да претставува и еден вид едукација за практична електроника. Во таа насока за почеток го нудам и мојот скромен прилог.
Би сакал исто така да истакнам дека не би било лошо ако ги објавувате и адресите на вашите надворешни соработници.
На крајот би замолил да не испраќате хонорар за овој мој напис па и за оние кои ќе следат - доволна награда ќе ми биде моите трудови да се најдат на страниците на ЕМИТЕР.
Со почит вашиот редовен читател:
Стојановски Зоран од Битола

Благодарам за позитивните оценки за списанието и за вашата желба за соработка со ЕМИТЕР. Се сложувам со тоа дека списанието, меѓу другото, треба да има и едукативна функција што во повеќе наврати на овие страници сум го истакнувал. Поради тоа во редакцијата се трудиме да имаме написи и шеми со различно ниво на сложеност, од почетнички до оние за професионалци, но при тоа секоја шема да биде придружена и со што е можно подетален опис. Написите што ги нудите се доста квалитетни и сосема одговараат на концепцијата на ЕМИТЕР па затоа се разбира, ќе најдат место на неговите страници. Веќе во овој број објавуваме еден од вашите написи за кои, и покрај вашата изјава, сепак ќе ви испратиме хонорар бидејки сакаме да имаме една потрајна и попрофесионална соработка.
Што се однесува до адресите на нашите соработници - нив не ги објавуваме со цел да ја заштитиме приватноста на нашите соработници. Една од функциите на ЕМИТЕР е да биде простор и сретство за размена на искуства и знаења од сите области на електрониката, па затоа сите прашања треба да бидат упатени до редакцијата. Одговорите на поставените прашања ќе бидат објавени на страниците на ЕМИТЕР (пред се во оваа рубрика), а со тоа ќе бидат корисни и за сите останати читатели. Впрочем, стручен одговор на некое прашање не е ни можно да се даде во неколку минутен телефонски разговор.
Слободан Таневски