Голем поздрав до сите во Редакцијата!
Сакам да го изработам "Индикаторот на ниво на течност" од Емитер бр.1/08 при што сакам да го употребам за ниво на течност во пластичен резервоар за вода од 500 литри. Резервоарот се полни со електрична пумпа при што сакам уредот да ја исклучи пумпата кога ќе се наполни резервоарот. За таа цел сакам да го употребам спомнатиот индикатор со дополнителен релеј за вклучување/исклучување на пумпата. Таа работи на 220 V и не знам колкава струја троши, но секако е мала така што не би требало релејот да биде за повеќе од 16 A. Како да го поврзам релејот со индикаторот за да ја прекинува струјата за пумпата?
Ви Благодарам за потрошеното време,
Христијан Гроздановски

Индикаторот на ниво на течност од Емитер 1/08 може да се употреби за автоматско вклучување/исклучување на електрична пумпа за полнење на резервоар со вода. За таа цел на излезот треба да му се додаде соодветен релеј со побуден транзистор. Електричната шема на овој додатен склоп е прикажан на сликата. Принципот на функционирање на индикаторот е опишан во ЕМИТЕР 1/08, па овде нема да се повторуваме. Само ќе резимираме дека кога нивото на водата во резервоарот е над нивото на јагленовите стапчиња, сите транзистори се закочени, па релејот не е активиран (моторот е исклучен). Но, кога нивото на водата ќе спадне под јагленовите стапчиња, транзисторите минуваат во режим на спроводливост, ЛЕД диодата свети, а релејот е активен, со тоа преку контактите на релејот е вклучена и пумпата сè додека нивото на водата не досегне до јагленовите стапчиња. Ви обрнуваме внимание на неколку работи:
1. Бидејќи резервоарот е направен од изолациски материјал (пластика), тогаш едното јагленово стапче (кое било) мора да се поврзе со масата на склопот. Со други зборови, поврзувањето треба да биде како на блок-шемата на слика 3 од наведениот проект;
2. На шемата дадена во прилог е употребен релеј за 10A со двоен преклопник, чии контакти се паралелно поврзани за да се обезбеди проток на струја од 16A за погон на монофазен електромотор. Во случај да сакате да употребите 3-фазен електромотор, релејот треба да има 3 одвоени прекинувачи (преклопници) со номинална струја која е поголема од предвидената потрошувачка на моторот.
Многу успех во реализација на склопот.
Петар Лагудин

Релејот т.е. калемот од електромагнетот треба да се приклучи помеѓу точките A и 0V, а електричната пумпа да се поврзе во серија со контактите на релејот кои нормално (во отсуство на напон на калемот) се отворени. Тоа значи дека без напојување на индикаторот, пумпата ќе биде исклучена независно од нивото на вода во резерварот. Притоа индикаторот за течност и сондите треба да се поврзат како на слика 3 од оригиналниот текст во Емитер. Релејот треба да работи на 12V и да ја издржи струјата што ја влече пумпата.
Ако се појават некои неправилности во работата на индикаторот поради преоптовареност на излезниот транзистор T4 тогаш треба да се додаде дополнителен транзистор за побуда на релејот како што е прикажано на цртежот.
Дејан Трпески