Почитувана редакцијо,
Веќе 10-тина броја го следам вашето списание и сум задоволен, само би сакал проектите да имаат по практична примена (пр. “Глас на робот” не ми паѓа на памет каде би го искористил, освен за пракса на конструкторот).
Неколку години членувам во “Народна техника” и сум добар моделар, но се сретнувам со проблемот што немам станица за да можам да ги управувам во воздух моите модели. Дали сте во можност да објавите комплетен проект на станица за радио-командувани модели?
За крај би ве запрашал уште нешто. Дали е мошно правоаголниот облик на струјата да се претвори во синусен облик? Доколку е можно би сакал струјата да е со следниве карактеристики: 220-230V, 1-10A и околу 200W.
Деан Лазов од Кавадарци

1. Сите проекти кои ги објавуваме во ЕМИТЕР се трудиме да бидат интересни и достапни за поголем број на читатели. Јасно е дека секој проект не припаѓа во областа на интересирање кај секој читател, а тоа впрочем е и невозможно. Интересот за одредени теми зависи од многу фактори, па можно е она што сега не Ве интересира веќе утре да Ве заинтересира или да Ви затреба. Затоа треба да се има извесно разбирање кон проектите кои се објавени, а во кои во овој момент можеби не гледате нивна практична примена. Конктерно за проектот “Глас на робот”, можам да кажам дека се работи за едно едноставно решение на дисторзија (изобличувач) кое покрај симулирањето на синтетизиран глас (што може да се искористи при разни снимања и настапи), успешно може да се искористи и за генерирање на различни инструментални ефекти. За вакви и слични изобличувачи досега повеќе читатели пројавија интерес.
2. Во моментов (во следните неколку броеви) не планираме да објавиме проект на станица за радио-командувани модели, пред се заради неговата сложеност. Ова не значи дека нема да се потрудиме во иднина да подготвиме и таков проект.
3. Еден од начините за конверзија на правоаголен напон во синусен е со елиминирање на повисоките хармоници од правоаголниот напон со помош на соодветни пасивни електрични филтри. Според податоците кои се наведени во писмото конструкцијата на соодветен филтер не е едноставна работа пред сé поради големата моќност и ниската фреквенција. Покрај ова за негова изработка потребна е и значајна инвестиција, која зависно од намената може да биде неисплатлива.
Дејан Трпески