Поздрав до сите во редакцискиот одбор и до сите соработници и читатели. ЕМИТЕР го читам редовно од првиот број и веќе ги имам укоричено броевите од 1995 и 1996 година. Повод за писмово ми даде токму тоа. Имено, во еден разговор со мојот пријател др. Петар Аврамовски, кој е ваш редовен соработник, дојдовме до заклучок дека за секој електроничар на кој списанието му значи нешто би било подобро ако броевите од една година се укоричат. На тој начин нема да се губат некои броеви, а една таква книга со многу корисни написи ќе трае подолго време. Во таа насока нашиот предлог е почнувајќи од бројот 1/98 страниците да се обележуваат поинаку - ако првиот број заврши со 44-та страница, вториот да започне со 45-та, третиот со 89-та итн. Со ваков начин на нумерација би се имало подобар увид кога ќе се укоричи годишниот комплет. Исто така во последниот број во годината да се даде и збирна содржина на сите броеви од таа година.
Инаку списанието по моја лична проценка е добро и ги задоволува вкусовите на многу електроничари, меѓутоа ми се чини дека во последно време стана малку пооскуден отколку претходните броеви. Во прилог на збогатување на содржината на списанието заедно со ова писмо ви испраќам и еден мој труд, а во иднина ќе следат и други. Во оваа прилика би упатил и апел до сите несебични електроничари (велам несебични бидејќи ги има и инакви) - своето знаење нека го поделат со сите оние на кои им е потребно и тоа нека го сторат преку страниците на ЕМИТЕР.
Со поздрав,
Борче Стојановски, Битола

Дилемата дали ЕМИТЕР да има обично или кумулативно нумерирање на страниците во текот на една година постоеше кај нас уште пред да излезе првиот број во 1995 г. Тогаш преовладеа мислењето дека е подобро обично нумерирање. На оваа тема деновиве повторно дискутиравме во Редакцијата и повторно заклучивме дека обичното нумерирање повеќе одговара за списание. Се сложувам дека е многу корисно во последниот број од тековната година да објавиме збирна содржина на сите броеви од таа година, па како што сигурно забележавте, тоа го направивме во овој број. За оние кои ги укоричуваат своите примероци (меѓу нив сме и ние од Редакцијата) од голема помош ќе им биде еден ваков кумулативен индекс на темите објавени во ЕМИТЕР во текот на оваа година.
Ме зачудува Вашата констатација дека ЕМИТЕР во последно време е пооскуден отколку порано, кога повеќето соработници и читатели го мислат спротивното, а и јас лично сметам дека сегашните броеви на ЕМИТЕР се подобри и поразновидни отколку поранешните. При тоа, се разбира дека сум целосно свесен за присутните маани и одредени недоследности во концепцијата. Инаку и моја желба е списанието да има на пример 80 - 100 страници, на квалитетна хартија, со многу проекти, апликации, прикази и тестови, но за реализација на една таква идеја освен желбата (моја, на Редакцијата и читателите) потребни се и повеќе соработници и материјални средства (што значи поголем тираж и повеќе спонзори). Сепак и во овие тешки услови, токму поради таа желба, пред неколку месеци додадовме четири нови страници (а при тоа ја задржавме истата цена) иако тоа за нас значи дополнително оптоварување и во организациона и во финансиска смисла, особено ако се земе во предвид девалвацијата на денарот и зголемената цена на печатарските услуги.
Инаку, како што сигурно забележавте, во овој број го објавуваме написот што ни го понудивте и со тоа Ве промовиравме во соработник на ЕМИТЕР. Се надевам дека Вашето присуство на страниците на ЕМИТЕР во иднина ќе биде редовно.
Слободан Таневски