Поздрав до сите во Емитер!
Имам една идеја за која ми треба ваша помош. Сакам со алтернатор од Југо да добијам напон од 220V, а алтернаторот да се движи со помош на ветер. Колкав пречник ќе ми треба на перката и како и со што напонот да остане константен барем неколку секунди по престанокот на ветрот. Исто така дали постои можност ако ветрот е слаб и не произведува доволно напон, добиениот напон да го засилам на 220V. И за крај, доколку мојава идеја може да се спроведе во пракса дали горенаведеното ќе биде безбедно за уредот кој ќе се приклучи на него?
Однапред ви благодарам,
Никола (nikolakoljo@...)
Алтернаторот од Југо е околу 400 ватна трофазна машина (нема само еден модел на алтернатор за Југо!), која за потребите на Југото е прилагодена на тој начин што се врши трофазно исправување на наизменичниот напон и со автоматска линеарна регулација добиваме 14,2 волти еднонасочен напон со доволна моќност да полни 42 амперски акумулатор. Значи таков каков што е, алтернаторот за Југо дава 14,2 V и 30A – евентуално ако се исфрли исправувачот и линеарниот регулатор (популарно: реглер) ќе добиеме нерегулирани наизменични три фази со ефективна вредност на напонот од околу 12 волти (при 3000 врт./м). Се разбира дека овој напон е зависен од бројот на вртежите на машината, но тешко да се добие поголема вредност од 15Veff.
Како што гледате, тука нема 220 волти! Сепак Вие не сте погрешиле во многу, алтернатор за Југо може да се искористи за да се изработи генератор на електрична енергија од ветерот. Што се прави? Едноставно, овој алтернатор е прилагоден да полни акумулатор – па, полнете акумулатор! Така ќе имате енергија не само неколку секунди откога ќе престане ветерот туку и цел час времето со расположливи цели 500 вати ако користите акумулатор со капацитет од 42 Ah.
Како ќе добиете наизменични 220 волти? Едноставно, со претворувач од номиналните 12V еднонасочен напон на 220V наизменичнен напон! Таков DC/AC претворувач (инвертор) можете да набавите во малопродажната мрежа или да го изработите сам според упатствата во Емитер. Емитер во повеќе наврати има објавувано статии за реализација на ваков уред. Ако купите готов уред, за безбедноста ќе се грижи некој друг! Односно друг ќе биде одговорен за тоа дали тој уред ќе ги гори приклучените светилки, фрижидери или телевизори!
Како што гледате електрониката не претставува некој поголем проблем, впрочем неа можете да ја купите како готов уред ако не сте во можност да ја изработите. Најголем проблем ќе биде механиката бидејќи потребните механички компоненти во просек нема да можете да ги купите во малопродажната мрежа, туку ќе треба сам да ги изработувате, што всушност е и најголемата заблуда кај "младите" конструктори кои обично мислат дека многу лесно можат да се справат со механиката – а обично тоа не е така бидејќи тие немаат ниту доволно алат ниту доволно познавања за да изработат одредени механички компоненти!
Па така, само за видот на перката (перките), не земајќи ги предвид нејзините габарити, можат да се напишат неколку стотина страници. Затоа тука ви препорачувам да најдете нацрти за некоја квалитетна реализација и стриктно да се држете до нив! Само така ќе добиете резултати со задоволителен квалитет!
Емилијан Иљоски