Почитувана редакцијо!
Во врска со списанието ЕМИТЕР немам големи забелешки, што не значи дека воопшто и немам. Една и единствена забелешка е тоа што ова списание го нема во Неготино (иако има неколку трафики на "Тутун").
Еве за што поточно и се јавувам. Во ЕМИТЕР 2/98 имате објавено проект за биојонизатор. Сè што имате напишано за овој проект е во ред, но еден и единтвен проблем ми претставува трафото, кое е намотано на феритно јадро. Поточно сакам да ми објасните дали може тоа трафо да се замени со друго, бидејќи немам можност да го набавам феритното јадро. Ако тоа трафо може да се замени со друго, се разбира да појасните сè друго што е неопходно за него (број на намотки, дебелина на жица...) за тоа да функционира онака како што треба.
Однапред ви благодарам.
Трајков Илија од Неготино
За тоа што ЕМИТЕР го нема во Неготино веќе интервениравме кај нашиот дистибутер АД "Тутун", па се надевам дека во иднина тоа нема да биде случај. Оваа прилика би ја искористил да упатам повик и до други читатели во чиј град ЕМИТЕР не пристигнува (иако во него има трафики на нашиот дистрибутер "Тутун") да нè известат како би можеле да преземе соодветни мерки за разрешување на таквата ситуација.
Висината на индуцираниот напон зависи од типот на јадрото: неговиот геометриски облик, димензиите во целост, напречниот пресек, бројот на навивките, начинот на мотање (бројот на слоеви), напречниот пресек на жицата, а се разбира и од параметрите одредени од електронскиот дел на колото: фреквенцијата, односот импулс/пауза, струјата која поминува низ примарниот дел на трафото.
Електронскиот дел е така конципиран за да можат да се користат различни типови на јадра и различни типови на навивки, а уредот сепак успешно да работи. Затоа осцилаторот е одбран да осцилира со фреквенција независна од параметрите на јадрото. Осцилаторите со реакциска навивка се непрактични и осцилираат само со точно одбрани вредности на навивките и точно одреден тип на јадрото. Уредот ќе заосцилира практички со секаков тип на јадро. Важно е само пресекот на јадрото да е барем 10mm за да може да се пренесе барем одреден минимален квантум на енергија, како и напречниот пресек на жицата во примарот да биде минимално 0,5mm како не би дошло до евентуално прегревање. Најважно е да се обезбеди соодветно добра изолација помеѓу слоевите во високонапонскиот дел и изолација помеѓу примарниот и секундарниот дел на навивките.
Одбираме јадро со кое располагаме со минимален пречник од 10mm или поголемо (феритно, било отворено или затворено). Намотуваме триесетина навивки. Ако примарот се загрева, го зголемуваме бројот на навивки за десетина. При ова затворениот тип на феритни јадра, треба да биде затворен (составени двете половини, или ако е E I тип, составени E и I половините од феритното трафо). Секундарниот дел се намотува со напречен пречник на жица 0,2mm. Се намотуваат околу 100 навивки и се мери индуцираниот напон. Со тример потенциометарот P1, менувајќи го соодносот импулс пауза се менува времето на водење на T2, а со тоа и вредноста на струјата низ примарот на трансформаторот, а со тоа и на самоиндуцираниот напон на секундарот. Индуцираниот напон може да се промени и со вредноста на C3, со што се менува фреквенцијата на осцилаторот.
Со мало експериментирање сигурно ќе се дојде до резултат т.е. до саканите вредности на излезниот напон на L2. Ако добивате помали вредности заради загуби и неквалитетно јадро можете да ја постигнете сакана вредност на напонот на јонскиот емитер со уште едно додатно мултиплицирање постигнато со диодната каскада.
Уредот успешно работи и осцилира и со обичен феритен стап од антена за АМ. Ако поседувате трафо од стар блиц, електронска фото блескалка, јадрото за добивање на висок напон во неа е одлично и погодно за оваа намена.
Петар Аврамовски и Слободан Таневски