Нашиот читател господинот Гаврило Јовановски повторно ни испрати писмо, во кое реагира на одговорите што беа дадени на неговото претходно писмо, објавено во рубриката Писма во ЕМИТЕР 9/98:
Здраво господине Филевски,
Ветивте шема за засилувач со електронски цевки, а јас предложив моќноста да биде од 50W до 1kW. Напишавте дека тоа е претерано, но не знам што толку се зафативте за оние 1kW. Засилувачот може да биде и од 2kW, а на што ќе го приклучам – тоа е мој проблем, може и на слушалки.
Велите дека се тешки за намотување излезните трансформатори, кои имаат дури и по 20 секции. Погледнете во книгата "Инструменти за ВИС" од Јосип Клобучар и во некои стари броеви на "Радио Аматер" : никаде нема трансформатор со толку многу секции – сите се со 2 до 4 секции примар и 1 до 2 секции секундар.
За A1 и A2 класа на работа на електронски цевки не е така – погледнете во "Радио Аматер" од 1951 за сите класи.
Поздрав,
Јовановски Гаврило
од Тетово
Вашето писмо го објавуваме скусено и лекторирано со цел да биде појасно, исто како и претходното Ваше писмо објавено во ЕМИТЕР 9/98. Причината за тоа, пред сè, се некои нејасни делови во Вашите писма, кои се обидов правилно да ги протолкувам. Судејќи според сегашното Ваше тврдење дека "За A1 и A2 класа не е така..." претпоставувам дека претходно не Ви биле јасни разликите меѓу A, AB и B класите на работа на засилувачите на моќност.
Во општ случај, класата на работа (A, AB или B) се одбира со големината на преднапонот на управувачката решетка и со големината на напонот на напојување (при дадено оптоварување). Со погодно избрана големина на напонот на напојување, во рамките на A класата можни се две класи на работа: A1 и A2. Во тој случај, како што веќе Ви одговорив, класата A1 се добива со негативен еднонасочен преднапон меѓу решетката и катодата, а класата A2 со позитивен преднапон. Оваа дефиниција е утврдена пред 70 години и поинаку не може да биде. Не знам што е напишано во "Радио Аматер" од 1951 година (ги немам тие броеви), но убеден сум дека истата дефиниција и таму стои.
Излезните трансформатори кои ги посочувате како пример, не се наменети за Hi-Fi засилувачи, туку се наменети за засилувачи за Вокално-Инструментални Состави (ВИС), како што кажува и самиот наслов на книгата од Јосип Клобучар. Во одговорот на Вашето претходно писмо веќе напишав дека ваквите излезни трансформатори (од гитарски засилувачи) не се доволно добри за еден Hi-Fi засилувач. Излезен трансформатор кој има само 2 секции во примарот и 1 во секундарот не е дораснат за Hi-Fi репродуција. Квалитетните Hi-Fi излезни трансформатори мораат да имаат повеќе од 6 секции, а следниов пример ќе го докаже тоа: во книгата "Инструменти за ВИС" (V издание, 1983 год.) авторот Јосип Клобучар презентира шеми на 10 засилувачи со електронски цевки, од кои само еден е деклариран како Hi-Fi засилувач. Нормално, само тој засилувач има излезен трансформатор со доволен број на секции: 4 на примар и 6 на секундар - вкупно 10 секции !
На што ќе приклучите засилувач од 2kW навистина е само Ваш проблем, кој нема да го решите со употреба на слушалки. Вториот Ваш проблем е во тоа што нема да најдете шема за засилувач со електронски цевки со моќност од 2kW, бидејќи такво нешто не постои, ниту било направено некогаш. Третиот проблем е што ниту јас, ниту останатите од редакцијата на ЕМИТЕР не располагаме со шема на "лампашки" засилувач од 1kW. Меѓутоа, ако добро ме служи помнењето, мислам дека во некое од изданијата на книгата "Инструменти за ВИС" треба да има шема на таков засилувач од 1kW, па Ве упатувам да се обидете да го најдете тоа издание.
Често се случува читателите во своите писма до ЕМИТЕР да ни бараат разни шеми, па затоа би кажал неколку збора за уредувачката политика на ЕМИТЕР, а исто така и за постојаните соработници кои се автори на најголемиот број на текстови. Наша определба е во ЕМИТЕР да се објавуваат проверени проекти и шеми, кои ќе бидат интересни, практични и релативно лесно остварливи за поширок круг на читатели. Засилувач со електронски цевки со моќност од 1kW и со тежина од 150kg дефинитивно не е практичен, ниту лесно остварлив. Слична е ситуацијата и со "лампашки" засилувач од 100 W. Секако дека ни се важни желбите на читателите и ние се обидуваме да ги исполниме, но сепак не можеме да ги исполниме сите желби. Треба да се има разбирање за редакцискиот колегиум и за соработниците на ЕМИТЕР: никој од нас не е вработен во ЕМИТЕР и не добива плата од таму, туку само скромен хонорар за објавените текстови. Текстовите и проектите во ЕМИТЕР ги подготвуваме од задоволство и хоби, во слободното време. Секој од нас има важни обврски (студирање или работа...), па затоа скоро се невозможни дополнителни ангажирања, како што е изнаоѓање на разновидни шеми, или решенија на некои специфични проблеми. Досега пристигнатите писма и резултатите од анкетата ни укажуваат дека постои зголемен интерес за засилувачи со електронски цевки, па затоа ќе се обидеме да направиме нешто на таа тема.
Подготвувам еден проект за "лампашки" бафер засилувач, кој се надевам дека ќе биде готов за следниот број на ЕМИТЕР.
Владимир Филевски