Здраво Емитерци!
Би сакал да ве прашам нешто. Сакам да ја најдам деклинацијата на Сонцето за Прилеп. Значи, ме интересира аголот што Сонцето го зафаќа со површината од град Прилеп преку цела година, односно во јануари под која деклинација (агол) е Сонцето во однос на површината од град Прилеп, во февруари под која деклинација (агол) е Сонцето во однос на површината од град Прилеп итн.
Зоран Јанкулоски

Претпоставувам дека овие податоци ви се потребни заради правилна монтажа на сончеви колектори? Ако е така, тогаш доволно е колекторите да бидат поставени под агол кој е еднаков на географската ширина на местото каде се наоѓа куќата. Ова правило како и многу други податоци во врска со искористувањето на сончевата енергија можете да најдете во претходните броеви на Емитер (на пример, 7-8/03, 9/03, 10/03, 6/07, 7-8/07, 1/09...).
Слободан Таневски

Здраво Емитер!
Податоците за деклинацијата на Сонцето не ми се потребни за монтажа на соларни колектори. Податокот дека таквите колектори се монтираат под агол ист со географската широчина ми е добро познат, бидејќи тоа го имам читано од Емитер и го запамтив. Но, мене ми треба мааалку попрецизно позиционирање. Телото што ќе го придвижувам да го следи движењето на Сонцето во дискретни чекори (иако Сонцето се движи континуирано) - како што се менува позицијата на Сонцето, така и телото што ќе го користам да ја следи позицијата на Сонцето. Заради тоа ми требаат аглите, за чекорно придвижување на телото што ќе го движам. При тоа не е неопходна голема прецизност – дозволена е толеранција од 2 или 3 степени.
Јас на интернет најдов една табела со деклинации на Сонцето, Ви ја праќам во прилог, но мислам дека таа важи за екваторот и не знам дали тие агли важат и за географската широчина на која се наоѓа Прилеп. Ако не важат, дали може да се коригираат некако? На интернет најдов програми кои можат да ја пресметаат деклинацијата, на Сонцето за дадена географска ширина, но не знам да ги пополнам сите параметри за програмата да ми пресмета. Па ако можете да ми кажете кои се деклинациите за Сонцето над Прилеп, би било убаво од Вас.
Зоран Јанкулоски

Со оглед дека се толерира грешка до 2 степена, може да ја употребите приложената табела со малку дополнителна математика.
Да бидеме јасни, табелата ја содржи деклинацијата (оддалеченоста) на Сонцето во однос на небесниот екватор за конкретен датум, за конкретен момент (час, минута). Меѓутоа, вас не ве интересира оддалеченоста на Сонцето од небесниот екватор, туку оддалеченоста (висината) на Сонцето во однос на хоризонтот во Прилеп. Таа вредност не само што е променлива во текот на годината, променлива е и во текот на 24 часа.
Но, ако ве интересира максималната висина на Сонцето над хоризонтот (на југ) за Прилеп за конкретниот ден, неа можете да ја пресметате со следнава формула:
90 - 41,3 + X = Y
Y = максималната висина на Сонцето над хоризонтот (на југ) за Прилеп за конкретниот ден
X = вредност од табелата за конкретниот ден
41,3 = северна географска ширина на Прилеп
Васко Цацаноски

За да дадеме прецизен одговор што ќе доведе до наједноставно практично решавање на проблемот, прашањето треба да биде прецизно и да содржи доволно податоци, што овде не е случај. Наједноставно ќе беше да ни кажете какво е тоа тело што треба да го следи Сонцето (колку е тешко, колкави димензии има?) и каква функција треба да врши (можеби нема потреба од прецизност од 3 степени?!), па ќе се потрудевме да најдеме најсоодветно решение. Вака како што е поставено прашањето, движењето на тоа мистериозно тело треба истовремено активно да се врши по две оски (азимутална монтажа) – за да го следи Сонцето со прецизност од 2 – 3 степени, што е покомплицирано да се постигне, особено ако тоа тело е тешко и гломазно.
Најдобро и наједноставно решение е да се употреби екваторијална монтажа – како кај сателитските антени или телескопите (видете во текстот "Монтажа на телескопи" во ЕМИТЕР 6/2004). Тогаш следењето на Сонцето во текот на десетина дена може многу прецизно да се врши со вртење на само една оска, и тоа континуирано – со обично синхроно моторче, без никаква дополнителна електроника (или, може и скоковито – со какво било моторче, но тогаш е неопходна придружна електроника). Дури по истекот на десетина дена (во зависност од потребната прецизност) може да се коригира деклинацијата, рачно или автоматски (електронски). Ако се одлучите за екваторијална монтажа, воопшто не ви се потребни податоци за деклинација на Сонцето – едноставно насочете го телото (уредот) кон Сонцето и вклучете го моторчето. Претходно, се разбира, треба прецизно да се насочи поларната оска кон северниот небесен пол – но тоа се прави само еднаш.
Владимир Филевски

Автоматизација на следењето е можна со употреба на азимутална монтажа и додавање на фотосензор со релативно едноставен електронски контролер кој ќе ги командува двете моторчиња.
Слободан Таневски