Почитувана редакцијо,
Не би сакал да давам лични оценки за тоа што е добро, а што му фали на вашето списание, но мислам дека ЕМИТЕР е апсолутно потребен, а со време ќе се менува и прилагодува на актуелните потреби. Ги читам скоро сите ваши статии, а посебно "Операциона Сала". Во врска со последново, имам забелешка кон мајскиот број. Статијата е во ред, земајќи ги предвид деталите кои се изнесени, но мислам дека можеле да бидат внесени и конкретните вредности на елементите кои ја сочинуваат свртницата, и тоа како првичната, така и подобрената. Исто така можеле да бидат објавени и преклопните фреквенции, како и димензиите на кутиите. Ова го пишувам од причина што и јас имам направено home-made звучни кутии со Dynaudio драјвери, па подобрувањата се секогаш добродојдени.
Доколку не сте во состојба да ги објавите во ЕМИТЕР, би ви бил благодарен ако е можно да ги добијам по e-mail.
Поздрав,
Кочо Диковски via e-mail

Ме радува Вашиот интерес за рубриката "Операциона сала", која и е замислена како простор на кој ќе бидат анализирани (на конкретни примери) звучници, звучни кутии и разни аспекти од таа област. Од почетокот на оваа година рубриката "Операциона сала" е посветена на анализа на звучниците направени од читателите, со цел не само да се научи нешто ново, туку и да се направи една бесплатна услуга на хобистите за мерење на тие звучници. Нескромно потенцирам дека никој друг во светот не прави таква услуга бесплатно.
Рубриката "Операциона сала - Звучници од нашите читатели" е замислена да содржи само мерења и анализа на звучниците од нашите читатели и совети за нивно подобрување, но не и да вршиме нивна модификација. Модифицирањето на свртниците е веќе сосема друга приказна. Конструирањето или подобрувањето (модифицирањето) на одредена свртница, за да се добие максимално рамна амплитудно-фреквентна карактеристика бара напорен ангажман, многу време и употреба на скапа професионална опрема, така што тие услуги нормално ги вршам за одредена (скромна) сума на пари (за ова погледнете во малите огласи). Исто така уште на почетокот одлучивме единствено првите тројца читатели кои ќе се пријават во оваа рубрика, како награда да добијат и бесплатни модификации, кои се и објавени во ЕМИТЕР 1, 2 и 3/99.
Во рубриката "Операциона Сала" во ЕМИТЕР 5/99 беше анализиран звучникот кој нашиот читател, господинот Петрејчин, го изработил врз база на проектот SBI Selektor 100 објавен во хрватското списание SAM 11/88. На барање на господинот Петрејчин направив подобрување на свртницата, но бидејќи тоа е приватна работа (надвор од она што ЕМИТЕР го нуди во оваа рубрика), модификацијата не е детално објавена. Едноставно не би било фер тоа што некој го платил останатите да го добијат бесплатно.
Од Вашето писмо не е јасно дали и Вие сте ги изработиле звучниците SBI Selektor 100, или некој друг SBI проект, или сте направиле звучници со Dynaudio драјвери според сопствен проект. Ако сте ги направиле звучниците според сопствен проект и ако сакате да бидат анализирани во "Операциона Сала", донесете ги во Редакцијата на ЕМИТЕР. Ако сте ги изработиле според проектот SBI Selektor 100, тогаш сè би требало да Ви биде јасно. Свртницата за звучникот SBI Selektor 100 е објавена во SAM 11/88, страна 44, а оригиналните вредностите на елементите се: L1=3,5 mH; R1=6,8Ω; C1=47 µF; C2=16 µF; L2=0,4 mH; R2=4,6Ω; L3=0,25 mH; C3=25 µF; R3=2,4Ω; C4=4,7 µF (според ознаките во ЕМИТЕР 5/99, страна 29, слика 1). Преклопните фреквенции се 780 Hz и 2580 Hz. Меѓутоа, како што веќе напишав во ЕМИТЕР 5/99, со оваа свртница се добива нерамна фреквентна карактеристика, со премногу потиснати средни тонови, така што воопшто не ми е јасно како овој звучник беше испофален толку многу (за премалиот волумен и да не зборуваме). Господинот Петрејчин, кој на слух исто така ги забележал овие проблеми, после телефонскиот разговор со SBI конструкторот Горан Ивас го послушал неговиот совет од свртницата да ја исфрли комбинацијата R2, L3, C3. На тој начин звукот многу се подобрил во среднотонското подрачје, а истото тоа и јас го измерив. Со оваа делумно модифицирана свртница се добиваат поинакви преклопни фреквенции: 700 Hz и 4000 Hz. Новата, оптимизирана свртница која ја направив (слика 4, страна 30 во ЕМИТЕР 5/99) во потполност го искористува расположливиот опсег на среднотонецот, така што преклопната фреквенција во овој случај е спуштена на 600 Hz.
Сите димензии за кутијата на SBI Selektor 100 се дадени на страна 43 во SAM 11/88. Напоменувам дека таа кутија има премногу мал волумен според мое мислење, а и според мислењето на господинот Петрејчин - кој направил поголема кутија со волумен од 140 литри (како што веќе напишав во ЕМИТЕР 5/99). За тоновите под 300 Hz не се важни димензиите на кутијата, туку е важен само волуменот. За останатите тонови важност има само ширината на предната плоча, која кај SBI Selektor 100 изнесува 350 mm. За високите тонови извесно влијание има и растојанието на високотонецот од горниот раб на плочата.
Владимир Филевски