Здраво Емитер,
Јас сум редовен читател на ЕМИТЕР и како и другите читатели би сакал да Ви поставам едно прашање: Дали во засилувачот од 2x100W објавен во Е7-8/97 изведен со µPC 1298и два излезни транзистори може да се постават паралелно уште по еден или два транзистори за да се добие поголема излезна моќност? Ме интересира и дали ќе може да се порачаат ППК за овој засилувач, а би предложил да објавите проект за двосистемска активна свртница.
Однапред Ви благодарам!
Тошо Цветковски од Скопје
Да, во принцип кај секој излезен засилувач се добива поголема излезна моќност доколку се употребат повеќе парови излезни транзистори, при што е потребно истите да битат спарени односно да имаат ист коефициент на струјно засилување. Но, според законот за одржување на енергија, ќе се добие поголема излезна моќност само доколку истата се вложи преку изворот за напојување. Значи пред се излезниот засилувач ќе биде онолку добар односно моќен (ова може ви звучи познато) колку што е добар односно моќен неговиот извор за напојување. Па според тоа, покрај дополнителните излезни транзистори, ќе биде потребен и помоќен мрежен трансформатор и повеќе електролитски кондензатори за филтрирање на еднонасочниот напон. Исто така, според каталошките податоци, можам да ви кажам дека максималниот напон на напојување на интегрираното коло µPC1298V изнесува 60V, а според извршените мерења коефициентот на полезно дејство на овој засилувач е околу 66%. Тоа значи дека 34% од вложената моќност ќе се претвори во топлина. Па доколку сте во можност да обезбедите мрежен трансформатор со секундарен напон од 2x40V (кој по насочувањето ќе има вредност од околу 55VDC) и моќност од преку 700VA би добиле одличен стерео задилувач од околу 2x250W при оптоварување од 4, но се разбира за одредена парична сума која треба да се инвестира. Подетално во врска со пресметките за напојувањето и излезната моќност што сакате да ја добиете можете да прочитате во ЕМИТЕР 5/97 на страница 36.
ППК за спомнатиот засилувач немаме но за тоа можете да се обратите во ТР Електроник, фирмата која ја помогна изработката на тој проект. Проект за активна свртница објавивме во претходниот број.
Сашо Митевски