Драг ЕМИТЕР,
Пријатно е да се забележи како со секој нов број сте сè подобри и подобри, па се надевам тоа така и ќе остане. Ви се јавувам со цел да придонесам ако е можно со моите забелешки квалитетот на нашето списание да се подобри, по можност за истата цена на чинење. Да почнам со ред:
Идејата за издавање на брошури не е лоша, напротив, но со тоа да не им се одземе можноста на некои од читателите да не го купат Емитер заради зголемената цена.
Исто така ја подржувам и идејата за повеќе текстови каде што ќе бидат споени можностите на компјутерите со другите области на електрониката (комуникациите, мерната техника и друго). Добар пример за тоа е написот за Caller ID декодерот во бројот 1/2000. Мислам дека со тоа на многу читатели би им се дало прилика подобро да ги користат своите компјутери, и тоа не само персоналните компјутери туку и тие што ги прегазило времето, како Спектрум или Комодоре, затоа што сметам дека многу е поважно да се сфати принципот на работа отколку моќта на соодветниот компјутер.
Сметам дека добра пракса би било кога за објавените проекти покрај листата на употребени елементи би биле дадени и некои адреси каде што тие елементи би можело да се набават.
Знам дека тежите кон тоа текстовите и проектите да бидат ориентирани кон пошироката читачка публика но сметам дека не би било лошо дел од текстовите и проектите да бидат наменети и за оние со поголемо искуство. На тој начин и тие што се почетници би имале прилика да дојдат во контакт со понапредни теми. За пофалба би било и кога би имало написи и проекти како ''електрониката во служба на екологијата'' или нешто близу тоа.
И за крај на ова писмо - не е лошо за секој автор да објавите и негова e-mail адреса преку која читателите лесно би контактирале со него. Сметам дека тоа и за авторите би било корисно.
Многу успеси во 2000-та од
Влатко У. преку e-mail

Благодарам за пофалните зборови, искажаните сугестии и желби за натамошно успешно работење на ЕМИТЕР.
Наш план е во иднина да има повеќе проекти и апликации за разни хардверски додатоци за компјутер кои ќе овозможат компјутерот да извршува најразлични работи - од контрола на светло до контрола на некој индустриски процес. Со оглед на сложеноста на уредите кои имаат "еколошка намена" (детектори на разни материи што вршат загадување) не би можел да ветам дека наскоро ќе имаме и такви теми во списанието, но сепак ќе се потрудиме и тоа да го направиме.
Редакцијата настојува, а верувам дека во голема мера и успеваме во тоа да имаме соодветна застапеност на теми наменети за почетници и теми наменети за поискусни електроничари. Помалку искусните електроничари дури и нè критикуваат за "големата" застапеност на посложени проекти и написи. Како и да е ние и во иднина ќе настојуваме во ЕМИТЕР да има теми за сите групи на читатели - од почетници до професионалци.
Наведувањето на адреси од каде би можело да се набават елементите за прикажаните проекти, иако го сметам за добро (од аспект на читателите), сепак, до сега не е реализирано и не планираме да се реализира главно заради две причини: првата е за да не се доведеме во непријатна ситуација некој од нашите спонзори да се почувствува запоставен, а втората е што прибирањето податоци за тоа кои елементи каде ги има и по кои цени е голема работа и во наши услови е невозможно да се изведе целосно и на време. Единствен исклучок се елементите за кои знаеме дека кај нас ги нема - за нив како и до сега ќе даваме информација од каде можат да се нарачаат.
Што се однесува до предлогот да ги објавуваме адресите на нашите соработници повторно ќе ги кажам причините зошто тоа до сега не сме го направиле и не ни е во план да го направиме:
1. Да ја сочуваме приватноста на нашите соработници (некои читатели можат да бидат многу настојчиви во барањето одговори и совети);
2. Да му дадеме доволно време на нашиот соработник да подготви квалитетен одговор (каков што во телефонски разговор не може да се даде);
3. Да овозможиме најинтересните прашања и одговори да бидат објавени во списанието и така да ги направиме достапни за сите останати читатели (со ова се избегнува одговарање по неколку пати на исти прашања од различни читатели).
Заради овие причини одлучено е кореспонденцијата помеѓу читателите и соработниците во врска со објавените написи да се изведува преку редакцијата и тоа преку писма и e-mail. Овој начин навистина е поспор, но од аспект на претходно кажаните причини е подобар, а е исто така сигурен – како што забележувате Вашиот e-mail упатен до нашиот соработник Добре Блажевски не остана без одговор. Комуникацијата помеѓу читателите, членовите на редакцијата и соработниците планираме да ја интензивираме со отварање на "Клуб на читатели на ЕМИТЕР" и со отварање на наша web страница во рамките на која планираме да има и chat-room.
Слободан Таневски