Почитуван главен уредник,
По професија сум Дипломиран Фотограф, и она што го прочитав во написот "Преземете ја контролата врз вашиот фотоапарат" (од последниот број на ЕМИТЕР) кај мене предизвика чудење. Би сакал да знам врз основа на што се изнесени сите оние податоци за остварување на контрола врз фотоапаратот? Од сето што е напишано во тој текст, само описот на фотоапаратот (бленда и сл.), кажаното за постоењето на ISO 100, 200 итн., и податокот дека се јавува зрно кај поосетливите филмови (но тоа е занемарливо бидејќи зрното скоро и да не се забележува сè до формат 30x40 cm) се точни информации. Но, сè друго е чисто непознавање на материјата, или чист аматеризам!!!
Јас лично не избирам со која марка на филм ќе сликам, или со која осетливост на филм, затоа што сите се со доволно добар квалитет. Квалитетот на фотографијата единствено зависи од познавањето на можностите на филмот и неговата способност да запишува детали и да реагира на светлината (кога сме веќе овде, да кажам дека ако сакате да сликате покрај брег, плажа и сл. да не се плашите да користите ISO 400, напротив!!!); исто така од познавањето на техниката на мерење на светлината (а, со тоа, подесувањето на бленда и брзина на затворачот, што од техничка гледна точка е најважниот детаљ, без кој ниту една фотографија не може да се прифати како коректна), потоа на ред доаѓа техниката на компонирање (каде постојат три основни правила, без кои ниту една фотографија не може да се нарече комплетна). А да не го споменувам познавањето на Системот на зони, т.е. корекции кои се потребни додека се слика, па потоа кои корекции се потребни за време на развивањето на филмот, па корекции во правањето на фототографијата. Накратко кажано, ако се познаваат овие работи може да се има контрола врз фотоапаратот, а тоа значи со едно притискање на копчето може да се направи безмалку 100% коректна фотографија, како композициски така и технички, без да има потреба од додатни манипулации во темната комора. Но, и покрај овие познавања се препорачува експозиција една над и една под одредената. Само на овој начин може да се има контрола над фотоапаратот. Да не ги заборавиме и слајдовите, затоа што да се слика слјад не е исто што и сликање на филм-негатив ("филм за фотографии").
Се надевам дека овој мој допис правилно ке биде сфатен и нема да ми замерите за моиве забелешки.
Со почит,
Марко Поповски, преку e-mail

Почитуван г-не Поповски,
Во спомнатиот напис нема ниту еден погрешен податок! Вие едноставно не сте ја сфатиле намената на тој напис, иако таа на почетокот на написот е јасно кажана - написот е наменет за оние читатели кои немаат никакво (или скоро никакво) искуство во фотографирање со апарати кои треба рачно да се нагодуваат. Затоа во текстот се кажани само основните работи (осетливост на филмовите, нагодување на отворот на блендата и времето на експозиција, длабочинската острина...), а намерно испуштени се мноштво други битни и помалку битни работи кои почетникот можат само да го збунат и да го одвратат од намерата да го остави евтиниот автоматски фотоапарат ("идиот") и да започне да фотографира со класичен фотоапарат со кој може да добие и поквалитетни фотографии. Уште една причина за ваквиот наш пристап е и предвидениот простор - ако сакаме да кажеме сè она што го спомнавте, нема да ни бидат доволни и сите страници на списанието, а камо ли предвидените 1-3 страници. Поради сите овие причини, темите кои ги спомнувате (мерење на светлината, поставување на светлото, техниката на компонирање, корекциите при развивањето, сликањето на слајдови итн.) не беа предмет на тој напис, но се предвидени да бидат предмет на некои следни написи во ЕМИТЕР.
Со оглед на Вашите познавања од фототехниката Ве повикувам да се вклучите со свои написи во ЕМИТЕР и своите знаења да ги споделите со останатите наши читатели.
Слободан Таневски