Почитувани,
Со внимание ја следев серијата написи за телескопите и многу сум задоволен од неа. Исто така, задоволен сум и од телескопот кој го изработив според вашиот нацрт од Емитер 12/03, но сега би сакал да купам некој помоќен телескоп, но не многу скап. Знам дека во летниот двоброј посочивте адреси во странство, но нарачувањето оттаму ми е комплицирано (немам никој во САД кој би можел да ми го донесе), а и повеќето модели се скапи за мене. Се разочарав од информацијата дека кај нас нема некоја понуда на телескопи. Сепак, деновиве во продавницата Ексима кај ТЦ Plaza (поранешно "Беко") видов еден телескоп кој чини 5830 денари заедно со ногарките, што е многу прифатливо за мене. Телескопот ги има следните ознаки и карактеристики: KONUS KJ-6, Refractor 60mm F800-f/13, па би сакал да ми кажете дали е доволно добар за почетник и дали ја оправдува својата цена. Исто така, би предложил да објавите статија-тест на сите модели на телескопи кои постојат на нашиот пазар (како што повремено правите за аудио и компјутерски компоненти).
Се надевам дека ќе одвоите време и наскоро ќе ми одговорите.
Милан Поповски

Ви ја исполнуваме желбата - еве тест на телескопот Konus KJ-6! Цената на телескопот Konus KJ-6 е навистина многу поволна, но тој има неколку сериозни недостатоци во механичките делови - кои се многу чести кај вакви евтини (најевтини!) производи. Ако имате вешти раце (и алат), ќе можете да направите неколку преправки и би требало да добиете прифатлив телескоп за почетник.
Главниот проблем кај овој телескоп е механизмот за фокусирање: малата цевка (на која има запчеста летвичка за фокусирање и на која се става окуларот) има за околу 2 mm помал дијаметар од лежиштето!!! Така, фокусирањето и држењето на објектот во видното поле е практично невозможно! Единствено решение е да се уфрли нешто меѓу таа цевка и лежиштето, со што малата цевка нема да може да се ниша радијално, а истовремено нема да пречи на лизгањето на цевката аксијално (напред-назад) при фокусирањето. Прво што ми паѓа на памет е на малата цевка да се залепат надолжно две-три пластични ленти, кои ќе овозможат правилно движење на цевката. Ова е само предлог, кој не е изработен и тестиран - резултатите проверете ги вие! Јас само имав можност половина час (ноќе) да го имам во раце (и на око :-) овој телескоп - доволно да ги воочам недостатоците, но недоволно време да испробам некое решение за проблемите.
Вториот проблем е квалитетот на монтажата, поточно - движењето околу двете оски. Монтажата е азимутална, но тоа не е голем недостаток за вакви мали телескопи - поголемиот проблем е тоа што фината регулација во вертикалната рамнина (околу хоризонталната оска) исто така е изведена непрецизно. Имено, фината регулација е изведена со едно тркалце со внатрешен навој, кое се навртува во една прачка со надворешен навој. Проблемот е повторно во големата "луфта" меѓу навоите. Неопходно е да се нареже нов, прецизен комплементарен навој на прачката и на тркалцето (а можеби ќе треба и нова прачка и тркалце?). Металниот прстен кој е прицврстен на тубусот и во кој се лизга прачката не е добро фиксиран на тубусот (се клати), така што и за него ќе треба да се најде некое решение.
Понатаму, воопшто нема фина регулација за движењето во хоризонталната рамнина (околу вертикалната оска)! Вообичаено решение е полжавест пренос (редуктор) и сајличка, но тоа овде го нема. Насочувањето кон небеските тела и нивното следење треба внимателно и трпеливо да се прави директно со рака - со придвижување на тубусот, со правовремено отпуштање и затегање на винтот кој ја стега вертикалната оска.
Квалитетот на објективот е добар, окуларот од 50х е прифатлив, додека окуларот од 100х има забележлива дисторзија (засилена и од тоа што не можев да го поставам во оската на објективот, заради претходно објаснетите проблеми). И двата окулара покажуваат паразитни рефлексии ("духови") и забележлив хроматизам, но за таа цена и не може да се очекува нешто повеќе. Зелениот филтер (со ознака "Moon") слободно можете да го фрлите во ѓубре.
Ако мислите дека ќе можете да ги решите претходно објаснетите механички проблеми, тогаш Konus KJ-6 е прифатлив како телескоп за почетник.
Владимир Филевски