Уште од поодамна имав намера да го изработам вокал-елиминаторот од ЕМИТЕР 2/04 и го изработив. Притоа сакав да биде со одлична функционалност, па затоа порачав ППК од вашиот ППК сервис. По изработката, го тестирав и истиот не ги даваше очекуваните резултати. Не ми беше јасно зошто не функционира како што е опишано, па затоа преминав на анализа на шемата. По повеќе пресметки го заклучив следново:
Да претпоставиме дека на микрофонскиот влез потенциометарот е ставен на 0 (почетна положба), тогаш неинвертираниот сигнал од R-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R7 и R12, а бидејќи тие се со иста вредност, сигналот доаѓа со половина амплитуда на суматорот на напони, додека инвертираниот сигнал од L-влезот доаѓа на делител на напон формиран од R10 и R12, а бидејќи R10 е околу 2 пати поголем од R12, инвертираниот сигнал доаѓа со околу 1/3 од амплитудата кон суматорот на напони, односно 1/2-1/3=3/6-2/6=1/6, што значи дека штом разликата на амплитудите на вокалот не е еднаква на 0, тогаш тој не е потполно елиминиран. Ова може да се промени со промена на вредноста на отпорниците R8 и R10 (бидејќи се два идентични канала) од 100 на 47 кило оми.
Другата забелешка се однесува на интензитетот на сигналот на излез од вокал-елиминаторот (кој е со двапати помала амплитуда од влезниот) и мислам дека нема да биде лошо ако на излез се "дуплира" амплитудата на сигналот, а тоа може да се изведе како што е покажано на сликата.
Се надевам дека ќе ги уочите овие забелешки и ќе го поправите тоа во некој нареден број на ЕМИТЕР.
Илија Зафиров.
И покрај тоа што вашата анализа на колото не е до крај прецизна, сепак крајниот заклучок е точен. Но, да почнеме по ред.
Ако претпоставиме дека микрофонскиот влез од вокал елиминаторот е врзан на маса (лизгачот од потенциометарот е во крајна лева положба), тогаш учеството на сигналот од десниот канал на излезот "R-L Out" нема да биде 1/2 од оригиналниот, туку нешто помало, затоа што отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R10 (пинот 7 од IC1 виртуелно е врзан на маса за сигналот од "R In"). Со слична анализа, може да се покаже дека учеството на инвертираниот сигнал од влезот "L In" на истиот излез (R-L Out) е приближно 1/5 од оригиналниот, затоа што во овој случај отпорникот R12 е врзан паралелно со отпорникот R7. Од ова е јасно дека со овие вредности на елементите во колото не е возможно целосно елиминирање на вокалот, дури и во случај кога вокалот е присутен подеднакво и во двата канала.
Со изедначување на вредностите на отпорниците R10 и R8 со вредностите на R7 и R9 (47k) се добива целосно балансирање на колото и комплетно елиминирање на вокалот во идеални услови.
Што се однесува до втората забелешка, зголемување на јачината на излезниот сигнал може да се добие со едноставно "одвртување" на потенциометарот за гласност на излезниот засилувач, но ако тоа не ви се допаѓа, слободно редизајнирајте го колото како што сте замислиле - на излезните бафери (IC1-C и IC1-D) во повратната врска додадете им по два исти отпорника (на пример, 10 килооми).
Дејан Трпески