Почитувана Редакцијо,
На фотографијата што ви ја испраќам е најверојатно Венера во утринските часови кога ја забележав како огромен светлосен објект што досега го немам забележено на небото. Во првиот момент си помислив можно ли е јас да видам НЛО, но по неколку секунди сфатив дека објектот што го гледам е доволно ниско на хоризонтот така што Земјината атмосфера создава оптичка илузија (моја претпоставка), а и беше прилично статичен. Веднаш го зедов фотоапаратот, го поставив на статив и почнав да фотографирам. Како што поминуваше времето така и објектот постепено и незабележливо (бавно) се поместуваше погоре, тогаш и се намали во димензии за половина од претходните. Полека почна да се разденува па веќе слабо се забележуваше, но позицијата многу малку се промени. Сето ова траеше повеќе од 40 минути, кога при крајот се сетив и го отворив февруарскиот број на Емитер и прочитав во делот 'Небото над Македонија' дека веројатно тој објект е Венера која јас ја видов преку игра на природата.
Фотографијата е направена на 17.2.2006 во 6 часот наутро во правец југоисток, со помош на дигитален фотоапарат Fuji FinePix S5200 со 10x оптички зум + 5,7x дигитален зум = 57x зум, поставен на статив. Фотографирано со 5M пиксели на максимален квалитет во Jpeg формат, со мануелни поставки: ISO 64, мерење во точка (на светлината), брзина 125, бленда 3,2 , автофокус во центар, баланс на бела Авто. Фотографијата е дополнително обработена во Photoshop за да ја намалам во големина погодна за праќање по e-mail.
Единствена голема грешка е тоа што имам употребено дигитален зум, но без него сепак кога ќе се гледа фотографијата ако е сликана само со оптички зум ве тера да го зголемите објектот до овие димензии, а со тоа квалитетот повторно се деградира. Ова го заклучив бидејќи ја имам направено истата фотографија само со оптичкиот зум, каде е со многу помали димензии.
На фотографијата може да се забележат одвоени прстени со темни кружни ленти. Ова не можам да претпоставам од што би можело да се јави , можеби ако Венера е фотографирана во тој момент и на тој начин би добиле ваков изглед. Инаку, небото беше чисто без облаци.
Ваш редовен читател од Скопје,
Христијан Гроздановски
Особено ни е мило тоа што информациите што сте ги нашле во рубриката "Небото над Македонија" во ЕМИТЕР ви ги разрешиле сите дилеми дали тоа што сте го виделе е НЛО или обична астрономска појава. Да беше некој друг наместо вас и да не се сетеше да отвори ЕМИТЕР, следниот ден ќе имавме сензационалистички написи на насловните страници од дневните весници со бомбастични наслови од типот на "Летачка чинија над Скопје!". За среќа, вие со рационално размислување и барање на информации на вистинско место (ЕМИТЕР), правилно сте заклучиле дека станува збор за Венера. Но, за жал, сте направиле повеќе грешки во обидот да ја фотографирате Венера - што во крајна линија и не е чудно, бидејќи астрофотографијата е особено тешка дисциплина која бара големи познавања од таа област која не ја имаат дури и голем дел од астрономите аматери, а камо ли обичните луѓе.
Да започнам прво со вашиот фотоапарат - тоа е квалитетен апарат, но не е наменет за астрофотографија, барем не директно. Иако има 10x оптички зум, тоа е еквивалентно на само 380 mm фокусна далечина во класичен формат на 35-милиметарски филм. Со 380 mm телеобјектив тешко дека ќе можете да снимите некакви детали од Венера (фазата, на пример) и ќе добиете само една точка, дури и при идеални услови. Дури и да ја зголемите некако таа точка, ќе добиете само едно зголемено нејасно крукче. Исто така, квалитетот на оптиката на објектив од фотоапарат, колку и да е добар, не може да се споредува со квалитетот на оптиката на вистински телескоп.
Втората грешка, која и сами сте ја уочиле, е употребата на дигитален зум, што дава полоша слика отколку истото зголемување на сликата добиена со максимален оптички зум и подоцнежно зголемување во Photoshop. (Да имам некоја власт, јас би го забранил дигиталниот зум!)
Третата грешка што сте ја направиле е тоа што сте ја избрале опцијата автофокус (AF) и со тоа сте добиле недоволно фокусирана слика. За снимање далечни објекти во природата задолжително треба да се одбере опцијата infinity (или мануелно да го наместите на infinity), со што го принудувате фотоапаратот правилно да фокусира на многу далечен објект. Оваа препорака сигурно ја имате во упатството за употреба на фотоапаратот!
Четвртата грешка се однесува на времето на експозиција - таа мора да се одреди експериментално, со снимање при неколку различни времиња на експозиција. Светломерот вграден во фотоапаратот е бескорисен при одредување на време на експозиција на единечен објект во форма на светла точка (каква што е Венера). Правилно сте ја избрале најшироката бленда 3,2 (која всушност станува 3,5 при 10x зум), но ми изгледа дека времето на експозиција што сте го употребиле е премногу кусо.
Како резултат на претходново, сте добиле само нејасно крукче, наместо мал срп на Венера со 25% на фаза - колку што изнесувала тоа утро. Темните и светлите концентрични кругови се Њутнови дифракциони прстени, добиени од претерано зголемување на нефокусираната светла точка.
Овие грешки не треба да ве обесхрабрат, туку да ве поттикнат на почесто фотографирање на небеските објекти. Препорачувам најпрво да започнете со фотографирање на Месечината (но не кога е полна!). Снимајте ја само кога е високо издигната над небото, бидејќи сликите на сите небески објекти кои се ниско над хоризонтот ќе бидат замачкани и нејасни (заради влијание на атмосферата). Користете статив, наместете на 10x зум, мануелно фокусирање на далечина (infinity), бленда 3,2 и експериментирајте со повеќе вредности на експозицијата и на осетливоста (меѓу ISO 64 и ISO 100). Кога ќе го најдете вистинското време на експозиција, снимете брзо неколку десетина фотографии последователно, па спојте ги во една слика со софтверот RegiStax (тоа е freeware програм кој можете да го симнете од registax.astronomy.net), со што ќе добиете уште појасна фотографија, со повеќе детали. Најдобрите фотографии испратете ни ги во ЕМИТЕР, да ги објавиме. Откако ќе се испраксирате со сликање на Месечината, обидете се со сликање на Венера. Ви пожелувам многу интересни часови со астрофотографијата!
Владимир Филевски