Почитувана Редакцијо.
Ќе ве замолам да ми ги испратите Excel табелите за пресметките на калемите за свртниците за самоградба на звучници. Исто така, ќе ве молам да ми објасните како можам да дојдам до целиот серијал за самоградба на звучници.
Сакам да вградам во стари и оригинални кутии SONY (многу добро сочувани) 150 W бас-звучник и високотонец. Досега филтрирањето на фреквенциите одеше преку електролитски кондензатор. Сега сакам да вградам нови звучници и би сакал да си составам сопствена свртница.
Понатаму, ќе ве замолам да ми кажете каде или како можам да ја проверам импедансата, како и реалната музичка снага на излезот од засилувачот.
Со почит,
Иван Ѓорѓиевски, преку e-mail.

Како прво, доколку ги немате, треба да ги набавите соодветните броеви на ЕМИТЕР каде е објавен серијалот "Како до квалитетни зучници" (ЕМИТЕР од 1/07 до 7-8/07). Истите можете да ги набавите преку Редакцијата на ЕМИТЕР или во ЕиП Електроника – кај МНТ. Во овие броеви има детални упаства како да ги измерите параметрите на драјверите кои сакате да ги вградите.
Потоа треба да го пресметате внатрешниот волумен на кутијата која сакате да ја употребите и, доколку звучната кутија е од типот "бас-рефлекс", треба да ги измерите габаритите (должина, пречник) на портот (портовите). Сите овие параметри внесете ги во програмот WinIsd. На овој начин ќе добиете симулација на однесувањето на "вашиот" драјвер во соодветната кутија. Постои веројатност "вашиот" драјвер воопшто да не е наменет за кутија каква што е вашата SONY. Тогаш ќе треба да ја менувате кутијата или да го менувате драјверот.
Дискутабилно е прашањето за употреба на "стара" кутија кога цената на изработка на нова не е висока, тука можете да побарате помош и од професионален столар, па цената на истата да не надмине 20 - 30 евра по примерок (за кутии од 20 до 30 литри). Друга работа е ако сакате да поминете евтино и да инвестирате само 20 - 30 евра за целиот проект. Тогаш не се измачувајте со мерења и пресметки! Едноставно "накалемете" пар "петпарашки" драјвери во постоечката кутија и свиркајте си! Како свират, така нека свират! Само едно треба да имате на ум, колку пари – толку музика! Друга работа е тоа што вашата кутија е најверојатно од седумдесеттите или осумдесеттите години од минатиот век, период кога индустријата многу малку се грижеше за основните принципи од акустиката, па изработуваше звучни кутии кои немаа добра заптивност, кутии кои не беа направени од аморфен материјал, принципот на компактност исто така не беше застапен! Потоа, не се водело грижа за поларната карактеристика, па се изработувале плитки но широки кутии, не се водело грижа за појавата на стојни бранови и други принципи на акустиката објаснети во 6. и 7. продолжение на серијалот. Доколку имате таква кутија и располагате со (или сте наумиле да набавите) пар квалитетни драјвери, ви препорачувам да изработите кутија според упатствата дадени во моите пишувања, бидејќи цената на кутијата ќе биде минорна во однос на цената на драјверите, а напредокот во квалитет ќе биде очигледен (увослушен).
Дури тогаш кога ќе го решите проблемот со драјверите и кутијата, можеме да пристапите кон пресметка на свртницата. Детални упатства за изборот и пресметка на свртницата можете да најдете во горенаведениот серијал. И тука нема да можете да искористите многу компоненти од старата свртница, најверојатно од истата ќе ви биде од полза само печатената плочка!?
Во однос на вториот дел од прашањето постои една дубиоза. Прво, иако излезната импеданса на засилувачот претставува битен показател за квалитетот на истиот, производителите многу ретко ја специфицираат истата. Излезната импеданса на засилувачите е многу мала и е од редот на наколку десетици милиома, овој податок како и фактот дека не постои "стандардна" процедура за мерење на истата, го прават практично невозможно нејзиното прецизно мерење во аматерски услови.
Сепак, јас сум на мнение дека вие не баравте процедура за мерење на излезната импеданса, туку баравте начин да проверите какви звучници (со колкава импеданса) може да погонува вашиот засилувач. Обично тој податок го назначуваат производителите и тоа во вид на предупредување (минимум 4 ома, минимум 8 ома итн.). Тоа предупредување треба да го прочитате на овој начин: "Поради можност од трајно оштетување на засилувачот, не е препорачливо да се приклучат звучници со помала импеданса од наведената". Сепак, можно е на излез од засилувач на кој пишува "минимум 8 ома" да приклучите 4-омски звучници, но во таков случај не смеете да го пуштате засилувачот "до даска", бидејќи тогаш ќе барате од него да даде поголема моќност од онаа која е во состојба да ја даде (P=U²/R, помала импеданса на звучниците значи поголема моќност при ист напон U). Имајте на ум, најбитни показатели за тоа колку еден засилувач е "блиску" до прегорување се: степенот на нелинеарни изобличувања и моменталната температура на излезните транзистори. За долг живот на засилувачот треба двата параметра да ги одржувате на што е можно пониско ниво.
На крај, има повеќе методи за мерење на моќноста на засилувачите и тоа не е едноставна процедура која би можела да се напише во неколку реда. Аудиофилите обично не ја мерат оваа големина, туку ја проценуваат според големината на мрежниот трансформатор, вредноста на филтерските електролити, големина на ладилните тела и според напонот на напојување на засилувачот. Ако, сепак, сакате да ја измерите излезната моќност (и некои други карактеристики) на својот засилувач, тогаш опис на соодветните мерни процедури за тоа ќе најдете во ЕМИТЕР 10/97.
Емилијан Иљоски