Почитувана редакцијо,
Вашето списание го земам уште од првиот број и сметам дека истото си ја исполнува својата задача. Новиот концепт во овие тешки времиња е храброст и успех е што воопшто излегува од печат.
Го направив дигиталниот мерач на капацитивност од Е12/97 и Е1/98 но до ден денес истиот не функционира. Променив неколку различни интегрални кола и со некои воопшто не работи. Поседувам и осцилоскоп со кој направив некои мерења но не можам да одредам каде е проблемот. Мерењата се следните:
1. Осцилаторот работи и на пин 4 има правоаголен сигнал со 4Vss а на пин 10 има пилест сигнал
2. Контролната логика сметам дека не работи добро бидејќи сигнлот од временската база после C1 паѓа на 100mV о понатаму до T1 потполно се губи. Ова се случува само кога има приклучено мерен кондензатор на клемите.
Поздрав, Ѓорѓи Андонов

Како што може да се забележи, голема веројатност е дека имате употребено компоненти со сомнителни карактеристики. Се разбира дека вината е на страна на трговците кои гледаат само да продадат нешто што е со ниска цена, а квалитетот е на последно место.
Поседувањето на осцилоскоп е голема помош во некои безнадежни ситуации, но не е секогаш услов за успешен исход. Како и да е, во продолжение ќе ја опишам постапката со која би требало да се одредат можните проблеми.
Најпрво треба да се потврди исправноста на плочката со печатено коло и да се отстрани можноста од постоење на прекин или краток спој меѓу соседните водови. Потоа се оди на одредување на исправноста на секој блок од уредот поединечно. Се започнува од напојувачката секција, каде со волтметар најпрво се испитува точноста и стабилноста на излезниот напон. Ако напонот е приближно 9V (+/-5%) се проверува и појавата на осцилации во него со осцилоскопот. Ако нема поголем брум од 20mV тогаш сè е во ред со него.
Потоа се испитува исправноста на временската база со осцилоскоп (се проверува дали има присутен правоаголен сигнал на пин 3 од IC12 со приклучен кондензатор за мерење и без него. Кога нема приклучено кондензатор фреквенцијата треба да биде доста висока, но сепак треба да се добие правилен правоаголен сигнал.
Ако е во ред, се проверува осцилаторот. Според вашето писмо претпоставувам дека проблемот е токму во овој блок. Со осцилоскоп се проверува сигналот на Clock излезот од осцилаторот. Да се преконтролира и фреквенцијата на оваа линија која траба да биде според одбраната позиција на преклопникот за избор на мерното подрачје. Ако не е присутен овој сигнал треба да се види дали има прекин на ППК или краток спој на делот од осцилаторот. Треба да се добијат правоаголни импулси со амплитуда од минимум 7V. Kако што забележувам во вашето писмо, на пинот 4 се добива правоаголен сигнал но со многу мала амплитуда, а на пин 10 се добива пилест сигнал што не е добро! Пробајте да го замените ова интегрално коло, па повторете ги мерењата.
Ако ова е во ред, останува уште да се провери контролната логика. Најпрво треба да се измери напонот на R1 со изваден кондензатор C1. Напонот на двата краја од отпорникот треба да биде приближно 9V. Ако напонот на пинот на отпорникот кој се поврзува со IC10A не е повисок од 8 волти треба да се замени IC10A. Ако е добар напонот на пиновите 1и 2, се мери напонот на пинот 3 од IC10A кој треба да биде околу 0V. Потоа се враќа C1 на своето место и со осцилоскоп се мери сигналот кој доаѓа од временската база кон C1. Треба да е присутен истиот сигнал како и на пин 3 од IC12. Ако тоа не е така, се проверува врската меѓу пин 3 од IC12 и C1. На другата страна од C1 треба да се добијат тенки импулси со амплитутуда од околу 9V (се мерат наизменични сигнали). За да се забележат овие импулси, треба правилно да е нагодена сондата на осцилоскопот и временската база на осцилоскопот да биде поставена на максимално 20µs/поделок. Ако постојат овие импулси се проверува на пин 3 од IC10A дали има правоаголни импулси (како што сте навеле дека постојат кога нема приклучено кондензатор) на мерните клеми. Ова индицира дека импулсите постојат, но кога ќе поврзете кондензатор на влез се зголемува периодата на повторување на овие импулси кои сега тешко се забележуваат. Повторно отстранете го мерниот кондензатор од клемите и проверете ја присутноста на правоаголниот сигнал на пин 3 од IC10A. Ако е во ред, се проверува присутноста на сигналот на базата и колекторот на T1. На базата треба да се добијат импулси со амплитуда од околу 0,65V а на колекторот инверзни импулси со амплитуда од околу 9V. Ако е ова во ред се проверува постоењето на краткотрајни импулси на ресет изводот. Ако и ова е во ред, значи дека уредот и исправен, но не е правилно калибриран! Калибрирањето се изведува според постапката опишана во текстот на проектот.
Во секој случај, во тек е подготовка на проект за модерен микропроцесорски мерач на капацитивност со поголема точност и поголем мерен опсег, па се надевам дека ќе ви биде полесно да го изработите новото решение!
Благој Ќупев