Сакам да ве прашам уште нешто во врска со напојувањето. Сакам 50W засилувач од Е3/2010 да го користам во автомобил па дали треба да му направам некаков исправувач или чистач на влезниот напон, или, пак, се доволни само C13 и C14 за да се добие онаа средина (GND) и дали, всушност, може да работи на толкав напон од 12V?
П.С. Во врска со C13 и C14 мислам дека можат да бидат од 25V затоа што 1,2x12-18V = 14,4-21,6V.
Ви благодарам што се трудите за секој да најдете решение....
Златко Димов, преку е-пошта.

За да може спомнатиот засилувач да работи во автомобил ќе ви биде потребен DC/DC конвертор кој од единечниот напон на акумулаторот (12V) ќе направи симетричен напон од 2x25V т.е. ±25V. Такво коло не е лесно и евтино да се направи во самоградба, особено кога треба да биде со моќност од околу 150 вати, како за овој случај. Ако сакате да правите засилувач за во автомобил, тогаш ви го препорачувам проектот "70W автомобилски засилувач" од Емитер 9/04.
Формулата со која го пресметувате напонот за C13 и C14 ви е погрешна. Од каде ви е идејата дека напонот е 12-18V кога на шемата јасно се гледа дека тие кондензатори се приклучени на напоните за напојување, едниот на +25V, а другиот на -25V. Токму затоа тие МОРА да бидат за напон од најмалку 30V, а прва стандардна вредност е 35V.
Слободан Таневски