Почитувана редакцијо.
Во ЕМИТЕР број 2/10 во рубриката писма од читателите, прочитав за ставот на господинот П. Лагудин, кој како и г. Скендеровски, тврдат повторувам ТВРДАТ дека знаејќи ги постојните физички закони, дека "Перпетуум-мобиле" условно е невозможно да се направи. Велам условно, затоа што апсолутно не може затоа што не постои "перпетуум" материјал.
Не ги познавам наведените господа и затоа не можам да зборувам за нивниот калибар во науката, но претпоставувам ако се навистина луѓе од науката а не некои приучени господа, тие би настапувале со ставот "Мислам дека е невозможно во денешни услови и со досега познати физички закони да се изработи тоа фамозно "Перпетуум-мобиле" но не. Тие тврдат дека е невозможно, што секогаш и од секого кога ќе го слушнам тој израз, кај мене предизвикува потсмев и сожалување. Колку се блажени во своето непознавање на законите на природата. Неверојатно колку тесен хоризонт на гледање на работите имаат тие луѓе. Едноставно луѓе без визија.
Господинот Лагудин е убеден дека "перпетуум-мобиле" механички систем, создава енергија (во случајот механичко движење) од ништо. Барем така тој го толкува тоа во својот напис. ЗАБЛУДА, господине Лагудин. Сите знаеме дека од ништо, не бидува нешто. Таа машина создава механичко движење не од ништо, туку користи енергетско поле од природата како Земјино гравитациско поле кое е векторска големина, Земјино магнетно поле кое е, исто така, векторска големина, Земјино термално поле, соларно радијациско поле кои се, исто така, векторски големини и др.
Господинот веројатно знае само за машини кои ја користат заробената сончева енергија во фосилните горива, кои досега се познати, претворајќи ја во механичка. Нека ги погледа наведените, одамна напуштени примери, во написите на г. Скендеровски во претходните броеви на ова списание, дека сите се базирани на погоре наведените извори на енергија, а не на фосилни горива. Зарем тие господа не знаат ништо повеќе од термодинамичките закони, закони за одржување на енергијата? Зарем не познаваат никој закон за гравитационото поле, магнетното и електромагнетното поле, како и други енергетски полиња кои во пракса се практично неограничени и ни се нудат. Па, господа опкружени сме со енергија и зарем само луѓето со визија се свесни за тоа, за разлика од оние кои тоа не го согледуваат а го знаат само она што го учеле (бубале) во училиште. Господа, отворете ги очите, читајте меѓу редови и слушајте меѓу зборови, оти само така ќе си го проширите хоризонтот на знаењето и ќе ви се разјаснат многу работи. И најпосле немојте никогаш да тврдите за работи кои не ви се доволно познати.
Апропо! Вашиот став по ова прашање ме потсетува на една религиозна група наречена "Јеховини сведоци" кои сведочат и тврдат дека бог постои, а немаат никаков доказ за тоа. Затоа ве молам коригирајте го вашиот став по ова прашање и наместо да тврдите, речете Мислам дека не е возможно да се направи таков систем оти степенот на развој на кој се наоѓаме е сè уште низок. Во спротивно како што вашиот став предизвикува тивок потсмев, наместо научен ќе испадне хумористичен.
Да не одолговлекувам, ќе наведам само еден пример на искористување на спрега од две енергетски полиња, гравитационо и соларно кои преку водата како медиум вршат постојано движење во хидроцентралите. Зарем тоа не е еден вид на перпетуум мобиле, значи без користење на фосилни горива гравитационото поле како вектор го тера медиумот во насока надолу, додека соларното поле го враќа медиумот нагоре и сè така во круг и постојано.
Господинот Лагудин понатаму вели: Тој систем ниту добива од надвор некој вид енергија, па според тоа не може ниту да даде. Колку "голема" мисла. Ќе го потсетам господинот дека тој систем не се конструира во некој безвоздушен, безгравитационен, бессоларен и безмагнетен систем во вселената (каде дури и таму имаат влијание наведените извори на енергија) туку на површината на Земјата, каде тие енергетски извори се максимално достапни. Живееме среде енергетски полиња кои луѓе со визија треба само да ги обмислат, скротат и насочат за добробит на целото човештво.
Повторувам, господа од другата страна, како што гледам, освен некои закони од термодинамиката, цитати од некои филозофи, ве молам изнесете барем еден цврст аргумент дека човекот ги исцрпел сите можни начини за користење на достапната енергија, и дека не може понатаму да се развива оваа дејност, ќе ви бидам благодарен, само убедете ме.
Физичките закони кои вие ги знаете (и ние исто така) не се ниту дефинитивни ниту конечни ниту единствени. Сите закони со времето трпат корекции и модификации, како што рекол големиот Тесла во една прилика пред новинари "Постои само еден природен закон а тој гласи: Постои човек, тоа е дефинитивно".
Со почит.
Вани Николов, дипл. инж.
Запрепастувачко е Вашето непознавање, односно вашето (не)поимање на нештата во природата. Вашите квазинаучни принципи се погубни и продуцираат несогледливи негативни и разорни последици по Вашата околина. Да се пласираат (и приватно и јавно) невистини и дезинформации како последица од површно научените нешта и притоа да сте убедени дека сте компетентни за тоа, а не сте, морате да признаете дека, најблаго речено, се работи за злосторство и невидена дрскост кон Вашите следбеници/консументи. Не можам да бидам рамнодушен и ноншалантно да преминам преку тоа. Само поради таа причина Вашава реакција заслужува одговор од мене кој ќе го срочам во неколку точки од кои кристално јасно може да се види Вашата површност, незнаење и "бубање на памет" (за ова повеќе во познатото дело "Да се има или да се биде" од Ерих Фром). Прокоментирани се само некои од позначајните проблематични места од Вашето писмо (хронолошки се подредени).
1. Проблемот на перпетуум-мобилето не е проблем на избор или немање на "соодветни" машински материјали или визија на човекот за да го реши тој проблем, туку е исклучиво проблем на трансформацијата на енергијата, на континуитетот на енергијата и нештата во природата и на отпорите при движењето.
2. Гравитационото, магнетното и електричното поле се конзервативни полиња и никако не може да стане збор за производство на енергија од нив, т.е. за движење на нештото (маса, полнеж) во затворен круг во поле без притоа да се вложи енергија за совладување на отпорите од движењето! Полето, какво и да е, не е генератор на енергија!
3. Хоризонтите на знаења не се прошируваат со "читање меѓу редови и со слушање меѓу зборови". Знаењата секогаш се усвојуваат и се прошируваат со перманентно учење и интерес за проблемот, како и постојано здраворазумско размислување за него, со логичко и наменско (со однапред поставена цел) поврзување на информациите кои ги имаме и до кои доаѓаме разработувајќи го конкретниот проблем. Колку длабоко ќе навлеземе во тие причинско-последични релации зависи само од тоа колку сме духовно обдарени. А со "читање меѓу редови и со слушање меѓу зборови" се станува само еден успешен и бескорисен полтрон, верен и понизен слуга на оној кој ги напишал тие редови и ги кажал тие зборови. Тоа е понижување кое никој не смее да си го дозволи, а камоли да го пропагира тоа - дури и ненамерно или од незнаење.
4. Не може да има спрега на две различни полиња. Тоа е "собирање на баби и жаби". Исто така, нема "соларно поле" туку има само сончева енергија во разни облици која стигнува на Земјата и која е единствениот и најголем надворешен донатор на енергија на Земјата. Таа енергија во разни облици (хидропотенцијал, ветар, директно топлинско зрачење и сл.) е позната како обновлива енергија и се користи за директно задвижување на машините и електричните генератори. По дефиниција, хидроцентралата не е вид на перпетуум мобиле!
5. Кога ќе го воочиме однесувањето на некој параметар во природата и кога тоа ќе успееме да го запишеме и да го презентираме и притоа ќе докажеме дека во определени услови конкретниот параметар од природата се однесува само на тој начин и никако поинаку, тогаш тоа однесување на природата по тој параметар го нарекуваме закон. Во спротивно, тоа не би бил закон туку би било "јас мислам...", или "ми се чини дека...", или "според мене...", или слична шпекулација или шегобијност.
6. Дали, како, што, кога и пред кого рекол нешто Никола Тесла е работа на неговите биографи. Вам би Ви порачал да не го злоупотребувате неговиот лик и дело во никоја прилика и за никоја цена. Ликот и делото на Никола Тесла нека бидат Ваш лајт-мотив и идол кон кого би се стремеле, а никако лик зад кој би се затскривале и би го злоупотребиле.
Томе Скендеровски
Содржината на писмо од г. Вани Николов ме асоцира на една изјава на физичарот Стивен Вајберг (Нобелова награда за физика), цитирам: "Јас, за жал, не верувам дека е можно со рационални аргументи да убедиш секого дека треба да мисли на научен начин. Секој може да ги 'собори' сите логични аргументи со најпросто одбивање да мисли логично" (Соништа за конечна теорија, стр. 225). Е па еден таков пример на лице кое не почитува аргументи и за кого актуелните физички закони не претставуваат валидни аргументи е г. Вани Николов. Имено, во претходниот мој напис јас се повикав на два основни физички закони како аргументи, кои ја исклучуваат можноста за реално постоење на "перпетуум-мобилето". Тоа се законот за запазување на енергијата и законот за механичка работа. Во својот одговор, тој ги отфрли не само нив, туку сите физички закони, како наводно "…ниту дефинитивни, ниту конечни, ниту единствени. Сите закони со времето трпат корекции и модификации …".
Понатаму во својот напис, нас, почитувачите на физичките закони, тој нè нарекува "луѓе без визија", и нè советува "…да ги отвориме очите, да читаме меѓу радови и да слушаме меѓу зборови, оти само така ќе си го прошириме хоризонтот на знаење и ќе ни се разјаснат многу работи" !?…!?
Му благодарам за таквиот совет, но мене веќе ми се "проширил хоризонтот на знаење" со тоа што увидов дека со индивидуа која не почитува аргументи не треба воопшто да се дебатира. Поради тоа, моите натамошни објаснувања, сега веќе не се насочени кон него, туку кон другите наши читатели, кон кои чувствувам должност да ги објаснам сите аспекти во врска со "перпетуум-мобилето".
Примерот на вечното движењето на водата во хидроцентралите, кој тој погрешно го толкува како "доказ за постоење на перпетуум-мобиле", обелоденува дека нему воопшто не му е јасен поимот што е тоа "перпетуум-мобиле"!? Да се потсетиме, според дефиниција, тоа е"средство кое би требало само од себе да создава енергија без да користи енергија од некој друг извор" (Енциклопедија Просвета, книга 2, стр. 969). Ајде, сега да го анализираме кружењето на водата! И тука силата на гравитација, која на секое тело кое паѓа, му дава кинетичка енергија, истото го прави и со водата, но ако зборуваме за перманентна продукција на кинетичка енергија, треба постојано да има вода што ќе паѓа, а тоа значи потреба од екстра енергија за постојано кревање на водата нагоре! Таа екстра енергија е Сончевата топлинска енергија, која ја крева водата преку процесот испарување, а секој процес, во кој е ангажиран некаков вид енергија, е надвор од рамката наречена "перпетуум мобиле". Разликата помеѓу нив е како помеѓу баби и жаби и не може тие да се тураат во ист кош!
За крај, еве уште еден силен аргумент против перпетуум-мобилето: иако се наоѓаме во ерата кога е актуелно откривање нови енергетски извори, сепак, во научната литература воопшто не се спомнува "перпетуум-мобилето" како "спас", кој најекономично би ги решил сите наши енергетски потреби!
Петар Лагудин