Најверојатно претходно не го прецизирав добро прашањето, па добив неочекуван одговор. Имено, јас го имам направено мостниот засилувач со TDA7294 (од Емитер 10/03), а го напојувам со извор за напојување кој е предимензиониран – трафо со моќност од околу 400W, со излезни напони 2x28 Vac, односно 2x40 Vdc после насочувачот. За да не дојде до протекување на големи струи низ интегрираните кола, сега користам два 8-омски сериски поврзани звучници. Бидејќи веќе имам доволно моќен извор за напојување идејата ми е кај овој мостен засилувач да ја зголемам максимално дозволената струја по углед на решението кај 400W засилувач (од Емитер 7-8/09). Сметам дека со додавање на соодветни излезни транзистори во мостниот засилувач, слично како кај 400W засилувач, би го искористил максимално напојувањето кое го поседувам, на начинот кој го споменавте, со паралелно поврзување на истите звучници ќе добијам импеданса од 4 ома, а излезните транзистори би ја поддржале таа струја.
Дали мојата идеја е во ред и дали треба да направам и некои измени кај повратната врска и кај диодите за одредување на мирната струја?
Поздрав,
Горан Илиевски

Во вашето прво писмо не беше ништо кажано за напонот на напојувањето и за импендансата на звучникот, па затоа направив претпоставка дека го имате изработено мостниот засилувач со TDA7294 според оригиналниот проект објавен во ЕМИТЕР 10/03. Во овој проект е предвидено напојувањето да биде со напон од ±24V, а како потрошувач да се користи звучник со импеданса од 8 оми. Бидејќи напојувањето со кое располагате е со напон од ±40V и моќност од 400W, со вградување на излезни транзистори (слично како кај 400W засилувач објавен во ЕМИТЕР 7-8/09) може да се добие засилувач со поголема излезна моќност, под услов да се намали импедансата на звучникот од 16 оми на 8 оми или во краен случај на 4 оми. Со други зборови, ова би значело дека наместо сериска комбинација од два звучника со 8 оми, на излезот треба да приклучите само еден звучник со импеданса од 8 оми или двата звучника од 8 оми да ги поврзете паралелно за да добиете еквивалентна импеданса од 4 оми.
Ако се одлучите за првата варијанта (на излезот да приклучите само еден звучник од 8 оми), тогаш треба да се очекува максималната излезна струја да биде под 10A, што би значело потреба од вградување на два пара излезни транзистори на едно интегрирано коло или вкупно 8 транзистори по канал. Во овој случај, излезната моќност на засилувачот би била околу 300W (RMS), а напојувањето со кое располагате би било доволно за напојување на само еден канал (моноверзија).
Доколку се одлучите за втората варијанта (на излезот да приклучите два звучника од 8 оми врзани паралелно), тогаш треба да се очекува излезната струја да биде под 20A, па во овој случај бројот на излезните транзистори ќе треба да се зголеми на 4 пара за едно интегрирано коло или вкупно 16 транзистори за еден канал. Во овој случај излезната моќност би била поголема од 500W (RMS), што значи дека постојното напојување не би било доволно за напојување на овој засилувач. Моќноста на изворот за напојување на овој засилувач би требало да биде најмалку 800W за еден канал.
За да нема нови недоумици (и прашања) околу тоа како да се изведат сите врски во прилог е комплетната електрична шема за реализација на мостен засилувач со две ИК TDA7294 и 16 излезни транзистори, кој со соодветно напојување би требало да дава излезна снага од најмалку 500W на 4 оми! За сите други детали околу градбата на овој засилувач погледнете во погоре спомнатите проекти.
Дејан Трпески