Мислев дека уште од почетокот на фељтонот "Мистеријата на НЛО" ќе одговорите на многу "основни" прашања поврзани со мистеријата околу НЛО, но сега гледам дека не е така, па затоа имам неколку прашања, и до Стојмир Симјаноски и до Владимир Филевски:
Зошто некои вонземски суштества би ја посетувале оваа планета? Да дознаат нешто за нас? Јас не верувам дека е така, затоа што с# за нас би можеле да дознаат ако н# набљудуваат од вселената, без да н# посетат. Можеби нивната цел е поинаква, можеби само сакаат да си "поиграат" со нас, да заплашат некои од нас, а можеби и тие се плашат од нас и немаат "меѓувселенска" дозвола да н# уништат... Додека немаме многу знаења за нив, не можеме да исклучиме ниту една можност...
Како ќе го разликуваме она што е направено од вонземјани, од она што е направено од човекот? Да ја разгледаме следнава "можност": Доколку низ небото пролета некоја направа направена од вонземјани (некој вид на вонземско беспилотно летало), и ние го "фатиме" и го однесеме во нашите лаборатории да го анализираме, како ќе докажеме дека тоа е направено од вонземјани? Поради тоа што нашата технологија не е на толку високо ниво за да може да изгради такво летало? Од каде ќе знаеме до кое ниво е човечката технологија? Како да ја исклучиме можноста дека таа направа е направена од некои научници, кои тајно ја развивале таа технологија во некоја тајна подземна лабораторија? Доколку Русите "уловат" такво летало, тие ќе мислат дека тоа летало е изградено од страна на Американците, без разлика на тоа што можеби Американците ќе тврдат дека тие не го направиле тоа, или обратно, Американците да "уловат" такво летало, и да мислат дека е изградено од страна на Русите...
Еве, и да стапиме во контакт со вонземјани, кои имаат своја планета "блиску" (на неколку светлосни години) до нашата (ние до тогаш не сме ги откриле поради тоа што тие живееле под површината на планетата), како ќе докажеме дека тие суштества се навистина вонземјани, како ќе ја исклучиме можноста тие да потекнуваат од нашата Земја, да пред околу 1000 години, некои научници почнале тајно да ја развиваат технологијата, и ја развиле на тоа ниво така што на таа планета би можеле да испратат суштества кои претходно самите ги направиле, изменувајќи го генетскиот код на човекот, па подоцна, тие научници ги уништиле сите докази (на Земјата) со кои може да се докаже дека тие го направиле тоа?
Што сакам да кажам: Ние во вселената бараме суштества слични/исти како нас, а за нив треба да докажеме дека се разликуваат од нас!? Дури и да ги најдеме, како ќе докажеме дека тие навистина се вонземјани? Јас мислам дека е речиси невозможно да го докажеме тоа, што мислите вие? Од каде можеме да знаеме дека некои вонземјани не ги истребиле диносаурусите, и н# "направиле" и населиле нас на оваа планета?
Доколку постојат интелигентни вонземјани, зошто мислите дека тие би биле слични на нас? Зошто би биле големи колку нас, а не би биле големи колку една бактерија, или не би биле големи колку целата наша планета? Зошто мислите дека нивните природни движења би биле исто толку брзи колку и нашите, а не околу два милиони пати побрзи или исто толку пати побавни од нашите? Зошто мислите дека доколку тие би зборувале, за да кажат еден збор, би им било потребно исто толку време колку што ни е и нас потребно, а не мислите дека можеби еден нивни збор би траел неколку милијарди години, или неколку пикосекунди?
Како Стојмир Симјаноски ги "замислува" вонземјаните? Зошто Стојмир Симјаноски одбра да ја застапува тезата за посетувањето на Земјата од страна на вонземјани, зошто едноставно не одбра да ја брани тезата за постоење на вонземјани, без разлика дали тие ја посетиле Земјата? Кој/каков доказ за постоењето на вонземјани (или нивното посетување на земјата) за Владимир Филевски би бил "дефинитивен доказ"?
Зошто Стојмир Симјаноски мисли дека вонземјаните што ја посетуваат оваа планета имаат толку развиена технологија за да можат да стигнат до неа, а немаат толку развиена технологија, со која ќе можат да ги прикријат трагите од нивната посета на Земјата? Нели доколку би имале технологија да стигнат до Земјата, би имале и технологија за да бидат "невидливи", едноставно незабележителни за човекот? Дали некогаш Стојмир Симјаноски се посомневал во вистинитоста на тврдењата од "очевидците" на летачките чинии, и дали некогаш докажал дека оние што нему му тврдат дека виделе летачки чинии, всушност, виделе некои вообичаени природни појави, или едноставно лажеле, или тоа им го остава на скептиците?
Мислам дека повеќето од овие прашања требаше да ги одговорите пред да почнете да кажувате и негирате "факти" за постоењето на вонземјани кои ја посетуваат или ја посетувале Земјата, или овие прашања ги оставивте за крај?
Небојша Наумчески

Особено ни е драго што активно се вклучувате во полемиката околу фељтонот "Мистеријата наречена НЛО". Вашите прашања се многу умесни и логични и претставуваат значаен придонес кон квалитетот на полемиката. Се надеваме дека повеќето од вашите прашања ќе бидат одговорени во текот на фељтонот кој, како што планираме, треба да има 12 продолженија. Но, едно-две од овие прашања можат да се одговорат и сега - да потсетам дека дефиницијата дали некое летало е вонземно или не (т.е. дефиницијата за НЛО), детално ја образложија и Симјаноски и Филевски во второто продоЛжение на фељтонот, во ЕМИТЕР 12/2007 година. Образложените дефиниции се однесуваат на препознавање на НЛО на далечина (на небото), а работите многу се олеснуваат ако некое такво летало ни падне во раце. Имено, најновата овоземна технологија (руска или американска) не е толку тајна и непозната, бидејќи науката и технологијата никогаш не може да функционира во изолирани тесни (воени, владини, ...) кругови. Со други зборови, најновите научни и технолошки откритија секогаш се објавуваат во научните публикации и секој стручњак лесно може да процени дали некое конкретно летало е дело на човекот или не.
Слободан Таневски