Здраво,
Имам ТВ-приемник Венус во кој има изгорено кондезатор и отпорник. Кај кондезаторот се чита вредноста, а отпорникот е целиот црн и не може да се прочита неговата вредност. Како да ја најдам вредноста на отпорникот? Напоменувам дека овие елементи се во делот на високонапонскиот трансформатор.
Александар од Велес
Единствен начин да ја дознаете точната вредност на отпорникот е истата да ја прочитате од електричната шема на телевизорот или да отворите ист таков телевизор. На интернет постојат сајтови кои поседуваат библиотеки со електрични шеми во електронска фо-рма (најчесто во .pdf формат) од најразлични производители. Некои од нив шемите ги нудат бесплатно, а некои за својата услуга наплатуваат. За да дојдете до посакуваната електрична шема, искористете ги можностите на популарните интернет-пребарувачи. Во пребарувачот (на пр., Google) во полето за клучни зборови не заборавајте да го внесете точниот назив на телевизорот (моделот) заедно со зборо-вите "Service Manual" (на пр., SONY KV-X2951D Service Manual).
Дејан Трпески
Правилен начин е да погледнете во електричната шема на приемникот, каде ќе ја најдете точната вредност.
Друг начин, кој служи само за снаоѓање и за приближно одредување на вредноста на отпорникот, е да го изгребете заштитниот слој на отпорникот некаде на средина, на гребаното место да го ставите едниот испитен шилец (црвениот или црниот, сеедно) на инструментот за мерење отпор, а другиот испитен шилец на едниот крај на отпорникот, а потоа на другиот. Ако во еден од тие случаи добиете некаква вредност, тоа значи дека сте измериле приближно половина од вредноста на целиот отпорник.
При замена на прегорениот отпорник, треба да водите сметка и за неговата моќност, која се одредува според неговата големина.
Зоран Тасиќ