Рубрика: Омнибус
Науката низ бројки (2)
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 01.07.2015 - 12:21

50% изнесува зголемувањето на ризикот од деменција по 68-та година за оние што тогаш ќе почнат да земаат лекови во чија основа е бензо-диазепинот, а се наменети за третирање на несоница, депресија или анксиозност. Врската меѓу предизвикувачот и ефектот сè уште недокажана, но затоа силна индикација даваат забележаните случаи при подолг третман со овие медикаменти.
2 часа и 41 минута им се потребни на двете ѕвезди од системот 19b-3-6008 за да завртат круг една околу друга. Овие црвени џуџиња речиси се допираат! Според компјутерските модели, овие две ѕвезди треба по неколку милијарди години да се спојат формирајќи една масивна ѕвезда. Астрономите предлагаат смела хипотеза – дека нивните магнетни полиња се толку силни, што ја стабилизираат нивната орбита.
10 cm3 изнесува волуменот на Phonesat, сателитот на НАСА којшто функционира со помош на едноставен смартфон што самиот ја овозможува улогата на процесорот, на сензорите и на камерата. Овој вид работа нуди нови економични можности за набљудување на вселената.
1872 метри изнесува должината на до неодамна најдолгиот висечки мост во светот, којшто од 2012 година го поврзува Владивосток со островот Руски. Каблите, некои долги и 582 метри, дело на француската компанија “Фрејсине”, се направени од усукани челични жици, од кои секоја посебно е заштитена со полиетиленски обвивки со голема густина. Каблите се одржуваат со амортизери кои помагаат за минимизација на дејството на ветерот врз палубата.
275 е бројката што го означува минималното количество молекули вода коешто е потребно за да се формира мраз. Изучувајќи ја апсорбираната светлина од примероците коишто содржеле од 80 до 500 молекули вода, тимот од научници од германскиот Универзитет “Гетинген” забележале дека 275 молекули е минималната бројка за да може примерокот да формира кристална решетка, под ова мраз нема да се формира дури и ако температурата е доволно ниска.

Клучни зборови: