Вчера во просториите на АЕК се одржа прес конференција од страна на Агенцијата за електронски комуникации. Главна тема на прес конференцијата беше намалување на цените за минута разговор, мобилен интернет и СМС пораки во роаминг.
Агенцијата за електронски комуникации во согласност со Законот за електронските комуникации по јавна расправа од еден месец на 10.03.2015 година ја донесе Одлуката за утврдување на максималните цени на услугите во роаминг во јавни мобилни комуникациски мрежи со земјите со кои Република Македонијаја има потпишано регионалната спогодба за роаминг.
Со оваа одлука се утврдија максималните цени за појдовни и дојдовни повици во роаминг во големопродажба и малопродажба кои се значително пониски од постојните цени.
Почнувајќи од 30-ти јуни цената за минута разговор во роаминг ќе биде намалена за повеќе од 73%, додека пак цената која македонските корисници ќе ја плакаат за секој МВ интернет кога истиот го користат додека се наоѓаат во некоја од државите потписнички на оваа спогодба ќе има најголемо намалување од речиси 90% овој јуни, а до јули 2017-та намалувањето ќе биде за речиси 97%.
Ваква одлука веќе имаат донесено и регулаторните тела на Република Србија и Црна Гора а деновиве се очекува да биде донесена и од регулаторното тело на Босна и Херцеговина. Одлуката ќе стапи на сила во сите држави коишто ја потпишаа регионалната спогодба за роаминг и цените ќе се применуваат од 30-ти јуни оваа година.
На прес-конференцијата беа презентирани и промените на пазарот за електоронски комуникации во изминатите четири години како што се пазарниот удел, искористеноста на услугите и цените на услугите кои се од интерес на граѓаните на Република Македонија. Беше прикажано намалување од повеке од 63% во последните 4 години на просечната цена во денари за минута разговор (од 3,4 мкд во 2010-та на 1,27 мкд на крајот од 2014-та ). Овој пад соодветствува со регулираната цена од страна на АЕК за завршување на повик во мобилна мрежа или како што популарно се нарекува цената за интерконекција за мобилни оператори. Како последица на намалувањето на цената, употребата на мобилната телефонија за ој период се има зголемено а повеке од 110%.
Слична ситуација имаме и во употребата на интернет на мобилните мрежи, односно постојано зголемување на мобилен интернет и количина на интернет сто се користи.
Агенцијата за електронски комуникации со прикажување на овие показатели за пазарот за електронски комуникации во Република Македонија, го потенцира развојот на електронските комуникации на македонскиот пазар. Овие показатели се во насока на исполнување на законските обврски кои ги има АЕК за поттикнување на развојот на јавните електронски комуникациски мрежи и услуги во Република Македонија, со цел да се обезбеди економски и социјален развој, обезбедување на ефикасна и одржлива конкуренција на пазарот за електронски комуникации и унапредување на развојот и поттикнување на инвестиции во јавните електронски комуникациски мрежи со воведување на нови технологии и услуги, а особено со воведување на следни генерации на јавни електронски комуникациски мрежи.