Вчера во Скопје на Технолошко-металуршки факултет во Скопје, се одржа информативен настан на Фондот за иновации и технолошки развој со наслов “Насоки за подготовка на предлог проекти”. Настанот беше организиран со цел подобро информирање за процедурите за аплицирање, детално објаснување и насоки за пополнување на апликациски пакет за отворениот повик за финансирање преку инструментот Ко-финансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации.
“Во интерес на Фондот е да има што повеќе квалитетни проекти, да се доделат и искористат средствата што се предвидени за овој повик од страна на старт ап и спин офф претпријатијата. За таа цел организираме ваков вид на информативни настани низ Република Македонија за да целната група детално ја запознаеме со апликацискиот пакет, како да ги пополнат формуларите и на што да обрнат посебно внимание за да направат подобри проекти. Ги каниме сите оние заинтересирани кои не присуствувале на некој од нашите настани досега, да дојдат на настаните кои ќе бидат организирани во Струмица, Прилеп, Велес, Гевгелија и следниот во Скопје на 25-ти март.“, изјави Јасмина Поповска, директорка на Фондот за иновации и технолошки развој
На настанот беа презентирани програмите на Фондот за иновации и технолошки развој, особено првиот инструмент за кофинасирани грантови за старт-ап и спин-оф компании, кој е во тек. Присутните имаа можност да слушнат насоки за пополнување на апликацискиот пакет и придружната документација потребни за овој повик и им беа дадени детални објаснувања околу структурата на апликацискиот пакет.
Фондот за иновации и технолошки развој го отвори првиот повик за инструментот Kофинансирани грантови за старт-ап, спин-оф трговски друштва и иновации. Инструментот е наменет за финансирање, микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија, коишто постојат најмногу 6 години, а е со цел поттикнување на иновативноста кај претпријатија, имплементирање на иновативни решенија и поддршка на претпријатија кои имаат висок потенцијал за раст. За повикот се обезбедени средства во износ од 600 000 евра и рокот за поднесување апликации е 18 април 2015 год. Повеќе информации можете да најдете на www.fitr.mk