Еве нè по третпат со резултатите од конкурсот кадешто вие, нашите читатели, ги презентирате вашите конструкторски знаења и вештини. Со оглед на тоа што читателите-електроничари постојано бараат повеќе проекти посветени на електрониката, очекувавме на оваа да “трета мајка” и се “извадат” за нивната претходна неактивност. Добивме повеќе фотографии од квалитетно и убаво изработени проекти, така што жирито, сепак, имаше полни раце работа.
Најплоден емитерџија во овој трет циклус беше Сашо Филиповски од Битола, тој претстави изведби на дури шест реализирани проекти од ЕМИТЕР. Неговите дела може да ги погледнете на следниве места: ESR-метар од Е2/2к, Тритонски гонг од Е7-8/98, Дигитално терморегулационо лемило ДБ2 (1) од Е 10/05 и Дигитално терморегулациско лемило ДБ2 (2) Од Е11/05, On board испитувач на транзистори од Е4/02, Јонизатор на воздух од Е11/09, и Коцка, коцка, коцкичка од Е1/99. Вредниот Филиповски за неговиот труд го наградуваме со едногодишна претплата на ЕМИТЕР.
Наградата (годишна претплата на ЕМИТЕР) за најдобро изработен проект оваа година ја доби Бојан Стојановски од Скопје за одлично изработениот проект “Генератор на функции” од ЕМИТЕР објавен во три продолженија во броевите 11/2002, 12/2002 и 1/2003. Одлично изработен проект, естетски на завидно ниво, издржан и како електронска конструкција прилично сложен. Со еден збор: вистински погодок кој може рамо до рамо да се стави до индустриските генератори на функции па и да ги засени. За да се уверите и самите во квалитетот на изработката посетете ги следниве линкови: Генератор на функции (1), Генератор на функции (2) и Генератор на функции (3).
Им се заблагодаруваме на сите останати учесници кои беа вредни и ни испратија фотографии од своите самоградителски успеси. Еве само некои од нив Проект: Гитарски засилувач EGA 16W - ЕМИТЕР 3-4/96, Гитарско комбо Ega-lite C8 - ЕМИТЕР 4/2к, USB програматор за PIC микроконтролери - ЕМИТЕР 10/11...
Веруваме дека објавувањето на нивното име покрај фотографиите од нивните изработени уреди на веб-страницата на ЕМИТЕР, на очиглед на сите посетители, се добра награда за нивниот труд. Се надеваме дека тоа ќе им даде поттик и на останатите читатели на ЕМИТЕР.
Конкурсот “Претставете ги Вашите конструкторски вештини” и понатаму продолжува! Драги читатели, ја имате на располагање целата 2015 година да ни испратите фотографии од вашите изработени уреди, но не чекајте, веднаш зафатете се со работа! Вашите фотографии ќе бидат објавени пред целата македонска јавност, потпишани со вашето име и презиме. За повеќе информации погледнете тука.
Се надеваме дека ваквиот начин на промовирање на самоградителите ќе ги поттикне и останатите читатели и ќе го подигне општото ниво на техничка култура во Македонија.