Во текот на месец ноември, “Мерцедес” ќе ја промовира новата луксузна лимузина од брендот Мајбах. Секако, тоа ќе се случи пред саемите во Лос Анџелес и кинескиот Гуангџу.
Автомобилот е со импресивни димензии и карактеристики. Долг е 5453 mm, а меѓуоскиното растојание е 3365 mm. Ќе биде задвижуван од 6,0 литарски V12 твин-турбо мотор од 530 КС и вртежен момент од 830 Nm. Сепак, останува да се види дали овие параметри на моторот ќе бидат и повисоки.
Што се однесува до ергономијата и внатрешноста, тука е во прашање вистински луксуз и престиж. Внатрешноста е пространа, со поголем комфор за патниците на задните седишта. Се истакнуваат електрично нагодливите индивидуални задни седишта. Исто така, ќе бидат понудени широки можности за индивидуализација на опкружувањето на патниците.
Останува да се види остатокот на автомобилот, како и цената на овој престижен модел со кој “Мерцедес” ќе им конкурира на моделите Rolls-Royce Ghost и Bentley Flying Spur.
Потсетуваме дека пред неколку месеци се појавија шпекулации кои кажуваат дека името Мајбах би можело да биде употребено на уште неколку модели на “Мерцедес”.