Во саботата, на 24. јануари 2015, во Скопје Сити Мол, во организација на Фондацијата Д-р Михаил Левенски се одржа едукативен забавен настан на кој специјални гости беа децата од Детското село и почесниот конзул на Република Перу за Република Македонија – Ненад Јаничевиќ.
На овој настан, на децата на забавен начин, практично им беше покажано како треба да се одржува хигиена на рацете. Пред влезот во кино-салата во Сине Плекс, со поддршка на компаниите Минако - претставници на Кимберли кларк профешнал за Македонија и Центарот за естетика Доктор Вајс, беше организирано миење на рацете со антибактериски сапун и хартиени шамивчиња, по што на децата им беа делени пуканки, сокчиња и колачиња.
Докторката Весна Игњатовиќ која оваа година бележи 25 години од основањето на компанијата Доктор Вајс, со естетски центри во Белград, Ниш и во Скопје, го истакна значењето на превенцијата и едукацијата на децата. Целта на овој настан е едукација, истакна доктор Весна и додаде дека децата од мали нозе треба да стекнат хигиенски навики, но и да го негуваат својот дух со позитивни мисли.
Во салата, пред почетокот на проекцијата на филмот "Мечето Педингтон", предавање за хигиена на рацете одржа доктор Венера Митревска – педијатар, со акцент на неопходноста за одржување хигиена на рацете на јавни места, при прошетки и осoбeно пред кино-проекции, кадешто најчесто се јадат пуканки. Доктор Венера им објасни на дечињата зошто треба да се мијат рацете и колку е тоа важно за нивното здравје, раскажувајќи им на разбирлив јазик за бактериите кои преку рацете може да се внесат во устата.
Пред почетокот на проекцијата децата добија и интересни информации за земјата Перу, од каде што потекнува Мечето Педингтон, кои на забавен и за нив близок начин им ги презентираше токму почесниот конзул на Република Перу во Република Македонија, со поддршка на видеоматеријал за Перу.
Директорката на Детско село за Македонија – Јулијана Гапо, на овој настан додели благодарница на Фондацијата Доктор Михаил Левенски во знак на благодарност за неколкугодишната соработка, а воедно и како благодарност до тимот на Фондацијата, кој на своите настани ги поканува секогаш и децата од Детското село. Јулијана Гапо воедно ја нагласи важноста на вклучување на децата од Детското село во активности од забавен и едукативен карактер, каде што можат да се дружат и запознаваат со други дечиња и да стекнуваат нови сознанија и нови пријателства.
Претседателката на Фондацијата Доктор Михаил Левенски – Камелија Левенска, обраќајќи се на над 100-те присутни дечиња и родители во кино-салата, се заблагодари за поддршката и учеството во настанот на почесниот конзул на Република Перу во Република Македонија и на компаниите Минако и Естетик центарот Доктор Вајс. Левенска го потенцираше значењето на поврзување на идеите, волјата и позитивните заложби во реализација на корисни активности за позитивни цели.
Оваа убава и невообичаена средба заврши со гледање на доживувањата на мечето Педингтон, создадено пред 50 години од англискиот писател Мајкл Бонд, оживеано за големиот екран со помош на Интел технологијата.
Аплаузот по завршената проекција говореше за задоволството од овој вид дружење, на кое посебен акцент беше даден и на потребата од споделување внимание и љубов – децата добија по еден подарок, срце од прекрасниот тим на Центарот за естетика Доктор Вајс.
На настанот децата можеа да се фотографираат со маскота – мечето Барни кое ја дополни забавната содржина на дружењето.