Рубрика: Астрономија и астронаутика
Следете го во живо прелетот на астероидот 2004 BL86
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 26.01.2015 - 15:41

Астероидот 2004 BL86, со пречник од околу 550 метри, денес ќе помине на оддалеченост од 1,2 милиони километри од нашата планета. Но, нема простор за паника, ова растојание е за трипати поголемо од растојанието помеѓу Земјата и Месечината. Астероидот не претставува закана за Земјата, но според официјалните лица од НАСА, дава ретка можност за набљудување и проучување на астероидите коишто поминуваат во зоната близу до Земјата.
Научниците со нетрпение го очекуваат 2004 BL86 за да ја прецизираат неговата орбита, да ја истражат неговата површина, па дури и да видат дали тој поседува сопствени сателити. Астероидот ќе биде следен со помош на 70-метарската антена Голдстоун на НАСА, којашто е дел од Deep Space Network во Калифорнија, но и со 305-метарската антена на опсерваторијата Аресибо во Порторико. Овие радиоантени ќе емитуваат микробранов сигнал до астероидот, којшто ќе се одбие од него и ќе се врати назад на Земјата.
Добиените црно-бели снимки може да откријат навистина многу нови детали за астероидите, додека за повеќето земски/оптички телескопи спектаклот ќе биде сведен на мала светла точка којашто се движи. Прва точка на листата на тимот ќе биде прецизирање на локацијата на астероидот во просторот и времето. Ова ќе им овозможи подобро разбирање на орбитата на објектот и на неговата предвидена патека, велат научниците.
Според научниците ова истражување освен што ќе придонесе за подобро разбирање на објектите коишто опасно се приближуваат до нас, ќе може да се искористи и при некои идни патувања на астероди заради ископ на руда.
Научниците очекуваат да добијат слики со резолуции од 4 метри на пиксел, што значи дека на сликите од 2004 BL86 ќе може да се разликуваат детали со големина на просечен автомобил. Ова ќе им овозможи на научниците да направат проценки за рапавоста на површината на карпата.
Доколку тимот добие доволно слики од објектот додека тој се врти, тие би можеле да направат и 3Д -реконструкција на неговата форма, со цел да ја проучат неговата ротација. Истовремено, тие се подготвени и за евентуалните месечини коишто овој објект би ги имал. Имено, околу 17 % од астероидите со големина на 2004 BL86 се опкружени со помали објекти коишто се движат заедно со нив.
Антената Голдстоун ќе го следи астероидот 5 до 6 часа во текот на повеќе ноќи, почнувајќи од 27. јануари, сè до 1. февруари. Опсерваторијата Аресибо, пак, ќе може да го забележи астероидот BL86 2004 само еднаш, оваа ноќ, на 27. јануари. Нејзиниот радар не е целосно подвижен, а со оглед на брзината на вселенската карпа од 2 степена на час, ќе може да ја следи само во мал сегмент на небото.
Прелетот на 2004 BL86 може да го следите и во живо на неколку интернет-канали:
• на сајтот на Slooh каде што преносот започнува во 17 часот денес (16.00 UTC);
• преку проектот Виртуелен телескоп лоциран во Италија. Преносот започнува вечерва во 20 часот и 30 минути (односно 19.30h UTC);
• на сајтот на опсерваторијата Беркет (тука) коишто ќе имаат покривање во живо утре, почнувајќи од 19 часот и 30 минути (18.30 UTC),